Комисијата за образование на ВМРО-ДПМНЕ смета дека училиштата немаат соодветни протоколи и дека власта не е подготвена за почетокот на учебната година.
„Владата на СДСМ на цели 5 дена пред почетокот на учебната година конечно реши да објави дека наставата во основно и средно образование ќе почне на 1-ви октомври, цел месец по вообичаениот термин. Веројатно и ова немаше да се случи да не беше притисокот од родителите, кои бараа и инсистираа на информации за образованието на своите деца, па Владата како голем успех соопшти дека нејзини членови имале средба со нив. На средбата ги повториле флоскулите кои ги повторуваат во последните 2 недели без да понудат конкретни решенија и точни информации“, се наведува во соопштението.
Состојбата, велат од ВМРО-ДПМНЕ, се вжештува и меѓу наставниците и професорите, од кои дел, деновиве, една недела пред вообичаениот датум за почеток на учебната година, посетуваат курсеви за употреба на Мајкрософт 365 платформата, а немаат скратена програма, календар и распоред на часови, немаат компјутери и соодветен интернет во училиштата, ниту соодветни протоколи за работа во училиштата, каде што ќе се одвива настава со физичко присуство за децата од прво до третто одделение.
„Сè уште формираат работни групи, сè уште дискутираат за ингеренциите и одговорностите на институциите, сè уште даваат обврски до МОН и општините, сега кога сè треба да е подготвено и да се чека само донесување на измените во законите, што всушност може да се направи на првата собраниска седница по формирање на Владата. Веројатно ќе чекаат 30-ти септември, за да предложат измени во законот од две-три реченици, кои потоа во стил на уредбите, ќе ги дополнуваат, поништуваат, па ќе носат нови, се додека не заврши полугодието“, велат од Комисија за об.разование на ВМРО-ДПМНЕ
Од таму додаваат дека сега кога се знае дека ќе се загубат околу 100 до 140 училишни часа наставниците веројатно треба да добијат нова програма по која ќе работат.
„Ако СДСМ имаа концепт и се грижеа за подмладокот на оваа земја учебната година ќе ја почнеа на 1-ви август, а не на 1-ви октомври“, велат од Комисија за образование на ВМРО-ДПМНЕ.
Според Комисијата, снимените емиси од минатото полугодие без никаква интеракција, не се покажале успешни, а онлајн наставата била незадоволителна барем во голем дел од училиштата.