Утрински Весник
Свет

Одборот на исламска добротворна организација во Британија поднесе оставка поради протерористички објави

Одборот на исламска добротворна организација во Британија поднесе оставка поради протерористички објави

Целиот одбор на најголемата исламска добротворна организација во Велика Британија поднесе оставка во саботата по истрагата што откри дека еден од нејзините директори објавил антисемитски и протерористички постови на интернет, пренесува „Тајмс“.

Добротворната организација „Исламик рилиф ворлдвајд“ (ИРВ), со седиште во Бирмингем, објави во блог пост дека целиот одбор нема да се кандидира за реизбор и ќе биде заменет со нов одбор откако беше откриено дека д-р Алмутаз Тајара, директор на добротворната организација и претседател на „Исламик рилиф Германија“, го опиша раководството на палестинската терористичка организација Хамас како „големи луѓе“ кои се одзвале на божествениот и свет повик на Муслиманското братство.

Тајара, исто така, ги нарекол припадниците на военото крило на терористичката организација, Бригадите Из ал-Дин ал-Касем, херои кои не дипломирале на воените академии на Велика Британија и САД, за разлика од владетелите и принцовите на арапскиот свет кои таму биле учени на кукавичлак и на верност кон странците.

Во 2015 година, Тајара на својот Фејсбук профил објавил и фотографија на која е прикажан Барак Обама со вратоврска украсена со Давидовата ѕвезда. На неговиот скут се иранскиот врховен лидер, Ајатолахот Али Хамнеи, сирискиот претседател Башар ал Асад и бунтовничкиот лидер на Јемен, Абдулмалик ал-Хути.

На арапски, ликовите велат „Смрт за Америка. . . Смрт за Израел “, „Смрт. . . смрт “ и „Смрт за Америка“.

Од „Исламик рилиф Германија“ признаа дека биле свесни за постовите на Тајара од 2017 година, но му било дозволено да ја задржи својата позиција во добротворната организација откако ги избришал постовите и се извинил. Британскиот огранок на добротворната организација соопшти дека тие не знаеле за неговите објавувања до оваа недела.

„Избришаните постови на д-р Тајара во никој случај не ги одразуваат ставовите на „Исламик рилиф ворлдвајд“, што е чисто хуманитарна организација без политички припадности. Ние ги почитуваме највисоките хуманитарни стандарди за неутралност, непристрасност и независност, помагајќи им на луѓето од сите вери без дискриминација по раса, религија, пол или сексуална ориентација “, се тврди во изјавата на добротворната организација.

„Ние го отфрламе и осудуваме тероризмот и веруваме дека сите форми на дискриминација – вклучително и антисемитизмот – се неприфатливи. Овие вредности се фундаментални за нашата организација, нашите донатори и за луѓето на кои им служиме“, додаваат тие.

Во јули, „Исламик рилиф ворлдвајд“ беше жестоко критикувана откако друга истрага откри дека друг директор во организацијата, Египќанецот Хешмат Калифа, објавил пофалби за Хамас и антисемитски коментари на интернет.

Калифа беше принуден да си поднесе оставка откако на виделина излегоа објавите во кои ги нарекува Евреите „внуци на мајмуни и свињи“ и го опишува Хамас како „најчистото движење на отпорот во модерната историја и симбол на честа, отпорот и на вистинскиот ислам“.

Од 2009 до 2018 година, „Исламик рилиф ворлдвајд“ доби милиони од телата како ОН, кои ѝ дадоа на организацијата 24,1 милиони фунти. ИРВ доби пари и од Европската комисија, околу 20,4 милиони фунти, и од британската влада, која донираше 8,2 милиони фунти до 2015 година.

Истрагата откри дека иако ИРВ била пофалена од тогашниот министер за труд, Дејвид Милибанд, таа се соочила со обвиненија дека нејзините средства понекогаш се пренесувале на сомнителните приматели и дека веќе со години се принудени да ги негираат тврдењата за идеолошки врски со исламистички организации.

ИРВ беше забранета во Обединетите Арапски Емирати во 2014 година поради наводни врски со Муслиманското братство, а Израел ја обвини организацијата  дека ги користи донациите за поддршка на Хамас, милитантната палестинска организација, и ѝ беше забрането да работи на Западниот Брег.

 

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Обилни снежни врнежи во Турција – затворени училишта и спасени стотици граѓани

Хамнеи: Смртна казна за израелските лидери, не само апсење

Петнаесет лица повредени во руски напад врз Харков