Од Камениот мост, преку зградата на МЦМ до Градскиот парк – вечерва во 20.30 часот, почнува третото издание на Mеѓународниот фестивал на светлосната уметност, Skopje Light Art District.
Фестивалот ќе трае од 19 до 22 август, ќе се одвива по однапред утврдена рута и за посетителите ќе понуди многубројни светлосни инсталации кои ќе ги оживеат објектите во центарот на градот.
Третото издание на фестивалот на светлината претставува симболичен мост, живописна врска што ги обединува уметноста, технологијата и науката, минатото со сегашноста и иднината, градот и природата, користејќи го јазикот на светлината. Фестивалот годинава ќе испрати пораки за заштита на животната средина – преку одговорни одлуки и начин на живот да се заштити природата и нејзините богатства.
За полесна комуникација, запознавање со уметниците и нивните дела, како и утврдената мапа за движење, Skopje Light Art District создаде и Андроид апликација која посетителите ќе можат да ја симнат на своите мобилни телефони и да ја користат за време на фестивалот. Апликацијата е достапна на: https://play.google.com/store/apps/details?id=com.o.sklad2020
Mеѓународниот фестивал на светлосната уметност е во организација на Универзална Сала и Град Скопје, со поддршка на Делегацијата на Европската унија и Францускиот институт во Скопје.