Желбата за живот ме мотивираше да ги издржам сите препреки кои морам да признаам не беа лесни, раскажува Себахат Демирали (65), излекувана пациентка од коронавирус.
Таа 16 дена била хоспитализирана во инфективното одделение во Општата болница во Охрид.
Вели дека сега се чувствува подобро, но сѐ уште при најмал напор има замор и губење на здивот и покрај тоа што пред пет недели ја напуштила болницата.
„Со тек на време се надевам дека ќе ги пребродам здравствените проблеми кои ги имам. Терапијата ја добивав на време, бев пациент со потешка клиничка слика и бев изложена на 24 часовна кислородна поддршка поради тоа што имав и други тешки здравствени проблеми“, раскажува Демирали.
Во објава споделена на социјалните мрежи, пациентката му заблагодари на целиот медицински персонал за севкупната грижа.
„Тие ни беа на располагање 24 часа во денот. Директорот секој ден доаѓаше во посета кај сите пациенти и ми даваше поддршка која допринесе да ја пребродам оваа тешка болест. За среќа, закрепнувањето на синот од ковид-19 беше полесно и побрзо. Сега двајцата сме добро и сме најголема поддршка еден на друг“, раскажа Демирали.