Секогаш кога СДСМ управува со државата пропаѓаат банки и имаме изневерени штедачи, обвини на денешната прес-конференција претседателката на Комисијата за материјално финансиско работење на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска-Кочоска.
„Државава во својата триесетгодишна историја зад себе има неколку големи банки кои пропаднаа и сите за време на владите на СДСМ или гувернери на НБРМ поставени од СДСМ, како што е пропаста на Алмако банка, Експорт Импорт банка, Македонска банка, Радо Банка, Југо банка, штедилниците ТАТ, Алфа С, Лавци. А во оваа неславна статистика од пред два дена се впишува и Еуростандард банка“, посочи Димитриеска-Кочоска.
Таа се повика на изјавата од сопствеништвото на банката за воведување на администрација, предлог кој бил одбиен од НБРМ, со што, како што рече, уште повеќе се зголемуваат сомнежите дека зад пропаѓањето на банката има скриени бизнис мотиви и на тоа се работело подолг период.
„Се поставува прашањето на Комитетот за финансиска стабилност за Еуростандард банка, Комитет во кој заедно учествуваат гувернерката на НБРМ и министерката за финансии. Значи бил попречен предлогот за продажба на банката и за воведување на администрација. Пропаѓањето на Еуростандард банка, вториот ТАТ, е поради скриени бизнис интереси на одредени структури“, обвини претставничката на ВМРО-ДПМНЕ.
На прашањето од новинарите какви последици ќе имаат луѓето штедачи, Димитриеска-Кочоска одговори дека тоа ќе зависи пред се од стечајниот управник.
„Сепак, да не заборавиме дека гувернерката на оној прес што го одржа, кажа дека ги повикува другите банки да излезат во пресрет и да ги преземат оние кредити, тука веќе влегуваат сите оние типови на кредити – потрошувачки, стамбени итн. Знаеме само дека ќе се преземат само оние кредити, секако доколку има заинтересираност од останатите банки, за да се преземат оние кредити коишто имаат да кажеме редовно сервисирање на своите обврски каде нема задоцнувања, односно оние кредити кои имаат бонитет во банката“, одговори претставничката на партијата.