Неколку германски градови уште сега размислуваат за концепти за одржување на божиќните панаѓури, во согласност со мерките за борба против ширењето на коронавирусот, објави германската новинска агенција ДПА.
„Најголем предизвик ќе биде насочувањето на реките посетителите и спречувањето на метежот пред штандовите“, рече Михаел Фраас, економски референт на градот Нирнберг, во кој се одржува еден од најпознатите божиќни панаѓури во Германија.
Наместо традицијата посетителите да се задржуваат на самите штандови на кои може да се јаде и пие, организаторите размислуваат да продаваат храна и пијалоци за консумација во движење.
Во Аугсбург, планирано е саемот да се прошири низ целиот центар на градот, со цел да се избегне метеж пред штандовите и групирање на луѓе на мал простор.
Во сојузната покраина Саксонија, која исто така може да се пофали со богата традиција на божиќни панаѓури, во тек е работа за изнаоѓање на концепти за нивно непречено одржување, а за откажување воопшто не се размислува.
„Секако дека прославите ќе се одржуваат под различни услови во споредба со претходните години, но сепак треба да обезбедат пријатна атмосфера и предбожиќно расположение“, смета министерката за култура и туризам во Саксонија, Барбара Клепш.
Во Мајнц, град на Рајна, се размислува за контроли за носење заштитни маски и ограничување на бројот на посетители, иако од градската управа се свесни дека ваквите мерки може да ја расипат атмосферата.
Градската администрација во Келн засега е песимистична во врска со одржувањето на годинашниот божиќен панаѓур.