Утрински Весник
Свет

Грција бара итен состанок на ЕУ поради Турција

Грција бара итен состанок на ЕУ поради Турција

Грција планира да побара одржување вонреден состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ поради одлуката на Турција да почне сеизмичко истражување во спорната област на источниот Медитеран, соопштија од канцеларијата на грчкиот премиер, Киријакос Мицотакис.

Грција и Турција имаат сосема спротивни погледи за тоа од каде почнуваат и каде завршуваат нивните морски граници, а тензиите ескалираа во понеделникот кога турската морнарица објави дека нејзиниот брод „Орук реис“ ќе спроведе истражувачко дупчење во наредните две недели, пренесува „Ројтерс“.

Грчкото Министерство за надворешни работи ја повика Турција веднаш да престане со нелегалните активности, кои, како што е наведено, ги поткопуваат мирот и безбедноста во регионот. Од друга страна, Турција ги отфрли тврдењата на Грција изјавувајќи дека тие се неосновани.

Грчкиот премиер Мицотакис разговараше со министерот за надворешни работи, Никос Дендијас, и побара итна средба на министрите за надворешни работи на ЕУ.

Портпаролот на ЕУ, Петер Стано, рече дека конечната одлука за состанокот ќе следува по консултациите на министрите, а нивната редовна средба треба да се одржи на 27 и 28 август.

„Се согласивме дека ситуацијата на источниот Медитеран е исклучително загрижувачка и мора да се реши преку дијалог, а не со серија потези што ги зголемуваат тензиите. ЕУ е во целосна солидарност со Грција и Кипар“, рече портпаролот на Европската комисија, Петер Стано.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Зеленски верува дека војната ќе заврши во 2025 година

Путин потпиша закон за отпис на кредитни долгови за учесниците во специјалната воена операција

33.000 домаќинства во Франција останаа без струја поради невреме