Утрински Весник
Македонија

Девојка пријавила дека била сексуално вознемирувана додека полагала возачки испит

Девојка пријавила дека била сексуално вознемирувана додека полагала возачки испит

Девојка која полагала возачки испит пријавила во Хелсиншкиот комитет дека била сексуално вознемирувала од еден од членовите на комисијата. Случајот веднаш бил пријавен во Испитниот центар, од каде што повеле дисциплинска постапка против членовите на комисијата.

„Кандидатка која изминатиот месец полагала за возачки испит претрпела сексуално вознемирување од страна на членовите на комисијата. За време на полагањето на испитот, еден од членовите на комисијата во повеќе наврати непристојно ја допирал кандидатката ставајќи ја неговата лева рака на нејзината десна надлактица и тоа во време кога возилото било во движење. Ова дејствие се повторило во три наврати за време на полагање на испитот. Ваквата ситуација на кандидатката ѝ предзвикала огромен стрес и вознемирување, а од страна на другиот член на комисијата воопшто немало никаква реакција за да го спречи ваквото однесување на неговиот колега“, се наведува во соопштението на Хелсиншкиот комитет.

Комисијата во случаи на грешки од кандидатите смее да реагира исклучиво преку двојната команда на возилото и директно интервенирање во вртење на воланот. Оттука, велат од Хелсиншкиот комитет, очигледно е дека однесувањето на членот на комисијата било сексуално вознемирување врз кандидатката кој не е прв, ниту единствен ваков случај на вознемирување врз кандидатки, кои се најчесто млади девојки на возраст од 18 години.

„Настанот од страна на кандидатката и Хелсиншкиот комитет беше веднаш пријавен во Испитниот центар, од каде многу брзо добивме позитивен одговор за преземени дејствија и мерки од нивна страна. Испитниот центар по прегледување на видеоснимките и по извршен разговор со кандидатката во присуство на претставник на Хелсиншкиот комитет, поведе дисциплинска постапка против членовите на комисијата, а на кандидатката ѝ беше овозможено повторно полагање на возачкиот испит со друг состав на комисија“, се наведува во извештајот за човекови права за јули на Хелсиншкиот комитет.

Во извештајот се заклучува дека сексуалното вознемирување како форма на родовобазирано насилство е ретко препознаено, а жените како најчести жртви на ваквиот вид насилство, многу ретко се свесни дека се жртви на сексуално вознемирување.

„Ваквото однесување е потребно што поскоро да биде инкриминирано како кривично дело во нашиот Кривичен законик, а за сторителите да следат најстроги санкции. Сексуалното вознемирување не смее никогаш да биде сфатено како комплимент и од особена важност е поттикнување на јавната свест за пријавување на ваквиот вид насилство за тоа да не продолжи да се нормализира и во иднина“, пишува во извештајот.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Скопје никако да се спаси од загадувањето, повторно во топ 10 најзагадени градови во светот!

Д-р Јовановски на подкаст ЗРАК: Има различни методи на реконструкција по мастектомија

Кузмановска: Хема – Онко нуди поддршка за лицата заболени од канцер