Поранешниот пратеник во Кнесет и основач на десничарската либертаријанска партија Зехут, Моше Фејглин, предизвика голема полемика со објавата на Фејсбук во која експлозијата од 4 август во Бејрут ја нарече „подарок од Бога“ за израелскиот народ наводно доставен пред Ту Б’Ав – еврејски празник сличен на Денот на вљубените, пренесува „Спутник“.
„ Денес е Ту Б’Ав, ден на радост и вистинска и огромна благодарност до Господа и до сите генијалци и херои кои ја организираа оваа прекрасна прослава во чест на денот на љубовта […] гледавме фантастичен огномет во пристаништето во Бејрут “, рече Фејглин.
Фејглин ја доведе во прашање прелиминарната верзија на причината за смртоносната експлозија, сугерирајќи дека тоа не било ѓубриво тоа што експлодира тој ден во градското пристаниште, туку 200.000 проектили произведени со единствена цел да го погодат Израел.
Тој го оправда своето тврдење наведувајќи дека експлозијата била слична на онаа произведена од помало нуклеарно полнење и тврдејќи дека тој бил сведок на експлозија на 2,5 тони ТНТ и тоа наводно не било ни близу до експлозијата во либанската престолнина.
„ Вие навистина не верувате дека ова беше неуреден склад за горива? Дали сфаќате дека овој пекол требаше да падне врз нас како дожд од проектили?“, напиша Фејглин во објавата.
Во радио-интервју снимено подоцна, тој изрази надеж дека смртоносната експлозија била резултат на израелски напад. Одговарајќи на бесот на јавноста на неговата изјава, Фејглин нагласи дека земјата треба да биде горда на таквиот чин и дека на нејзиниот народ му е дозволено да се радува што експлодирало во пристаништето во Бејрут.
Теориите дека експлозијата можеби била предизвикана од израелски воздушен напад врз наводно складиште за оружје на Хезболах во пристаништето, беа отфрлени и од групата и од Тел Авив во првите часови по инцидентот.
Трагичниот инцидент, кој според првите проценки е предизвикан од експлозија на амониум нитрат складиран во пристаништето, однел животи на над 130 луѓе и повреди илјадници други. Земјите од целиот свет оттогаш побрзаа да понудат помош за Либан, при што ни Израел не беше исклучок.