Утрински Весник
Свет

Кинез прогласен за невин по 27 години поминати во затвор

Кинез прогласен за невин по 27 години поминати во затвор

Кинески државјанин осуден за убиство на две деца, по 27 години поминати во затвор бил ослободен откако судот го прогласил дека не е виновен. Си-ен-ен јавува дека тоа е најдолгата отслужена казна во Кина на осуденик кој подоцна е прогласен за невин.

Жанг Јухуан (53) бил ослободен во вторникот откако Врховниот суд во провинцијата Јиангши го прогласил за невин поради недостиг на доволно докази, објави кинескиот државен весник „Глобал тајмс“.

Ослободителната пресуда уследила по долготрајната правна битка на семејството на Жанг во која биле потенцирани проблемите и недостатоците на правниот систем на Кина.

Жанг бил осуден за убиство на две момчиња во 1993 година, кои биле негови соседи.

„Откако ги разгледавме материјалите, откривме дека нема директни докази што можат да ја докажат пресудата. Затоа го прогласивме Жанг за невин“, изјавил судијата Тјан Ганлин.

Жанг сега може да бара надомест од државата.

Во изминатите неколку години, адвокатите за човекови права го критикуваат правниот систем на Кина, тврдејќи дека дозволува неправедно судење, тортура и друго малтретирање во притвор.

Кина направи обиди да го реформира својот правен систем. Според извештајот на „Глобал тајмс“, Кина официјално го усвои правниот принцип на „секој е невин додека не се докаже дека е виновен“ во 1996 година.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

33.000 домаќинства во Франција останаа без струја поради невреме

Писториус: Европа се соочува со долгорочна руска закана

Пет ракети истрелани од Либан врз Израел