Во земјава задолжително е носењето на заштитна опрема за покривање на носот и устата во сите јавни затворени простори како што се средства за јавен превоз, маркети, банки, пошти, амбуланти, болници, институции, како и на отворени простори каде што нема можност за одржување на дистанца од два метри помеѓу граѓаните како што се пазари, отворени трговски центри, тесни улици, автобуски постојки и слично. Важно е маската да се употребува секогаш кога не може да се одржи потребното растојание и како што е дефинирано во протоколите – и на работни места, состаноци, обуки, конференции, настани и собири на отворено, на плажи и слично.
Правилната употреба на маската или прекривката за лице е клучна за ефикасно спречување на ширење на вирусот.
Пред употреба, потребно е рацете да ви бидат чисти, претходно измиени со сапун и вода (во времетраење од 60 секунди) и откако добро ќе ги исушите да ги дезинфицирате со дезинфекционо средство (во времетраење од 20 секунди) на база на алкохол, па потоа да ја наместите маската. На горниот дел од маската има метален адаптер кој треба да го притиснете со што ќе ја адаптирате маската прилагодувајќи ја истата на носот, а со ова ќе ја прилепите за лицето со што целосно ќе ги прикриете устата и носот.
По употреба, внимателно отстранете ја маската ластикот на едниот крај кај увото према другата страна со што помалку допирање на истата. Маската треба да се фрли во отпад со капак со што ќе се заштити и околината од можно дополнително ширење на вирусот. Потоа, повторно измијте ги и дезинфицирајте ги рацете, како на почетокот.
Доколку користите платнена маска/ прекривка за лице внимавајте да бидат целосно покриени носот и устата, не ја допирајте од предната страна со раце и во случај да се намокри или извалка променете ја со нова. Маските за повеќекратна употреба мора да се перат по секоја употреба, ставањето и отстранувањето на маската мора да биде проследено со соодветна хигиена на раце.
Клучно за справување со вирусот е доследно да се почитуваат протоколите и мерките за заштита од страна на секој граѓанин – носење на лична заштитна опрема – маска, одржување на растојание од 2 метри, честа хигиена и дезинфекција на раце.