Грчката полиција уапсила сириски мигрант со речиси 1.500 нелегални апчиња во близина на турската граница во време кога грчката влада се подготвува да започне со зајакнување на граничната ограда кај Еврос, пренесува „Прото Тема“.
Се верува дека сирискиот мигрант ја прошверцувал дрогата преку турската граница, а полицајците од Агенцијата за борба против трговија со дрога го привеле во близина на границата.
По претресот на Сириецот, полицајците нашле 353,1 грама канабис во две одделни пакувања и вкупно 1.413 апчиња во уште два пакувања. Тие заплениле и два мобилни телефони и го обвиниле Сириецот за трговија со нелегални наркотици.
Граничната ограда долж турската граница кај Еврос е предвидено да биде зајакната и проширена, а работата треба да почне следниот месец.
Грчката полиција (ЕЛАС) повика пет големи градежни компании да конкурираат за проектот што прво ќе го засили постојното оградување, кое било оштетено од мигрантите претходно годинава кога турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги отвори портите кон Европа за мигрантите кои живеат во Турција.
Дел од штетите на граничната ограда, наводно од турско оклопно возило финансирано од Европската Унија, дури биле и снимени и објавени од грчките медиуми. Вториот дел од проектот предвидува подугање нова гранична ограда на подрачјето кај Ферес во должина од околу 27 км.
Грција сака да ја зајакне границата пред да се вратат мигрантите во областа, нешто што беше ветено на крајот на март од турскиот министер за внатрешни работи, Сулејман Сојлу.
„Кога ќе заврши пандемијата на коронавирусот, нема да ги одвраќаме мигрантите кои сакаат да се вратат на грчко-турската граница во Пазар“, рече Сојлу.