Станавме земја во која Зоран Заев определува кои биле објективни медиуми, а кои не, држава во која физички се тепаат новинари и се покренуваат нарачани обвиненија само затоа што си ја вршат работата, обвини ВМРО-ДПМНЕ.
„ВМРО-ДПМНЕ реагира и остро го осудува бруталното и недемократско постапување на Зоран Заев кон новинарите и медиумите, редејќи етикети, навредувајќи ги, пресметувајќи се.
Ваквото однесување на Зоран Заев преставува примитивизам кој станува одлика на хибридниот режим во кој тој ја втурна државата“, се наведува во писменото соопштение.
Зоран Заев, велат од ВМРО-ДПМНЕ, треба да се извини кон медиумите и целата јавност поради недоличниот, дрзок и селективен однос кон медиумите.
„Зоран Заев е лидер на партија која води влада која селективно кани новинари и медиуми да проследуваат владини прес конференции и настани, влада во која новинарите се принудуваат однапред да ги кажат прашањата за кои се интересираат и кои се етикетираат и делат на подобни и неподобни. Зоран Заев е политичар кој одбива дебати, одбегнува критички медиуми и интервјуа и човек кој гази по новинарската професија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.