Секторот за управен и инспекциски надзор не може да наложи запирање на истрага, реагира Министерството за култура за соопштението на Агенцијата за филм. Исто така, Министерството наведува дека јавноста е донесена во заблуда бидејќи, како што се наведува, Агенцијата за филм во соопштението иницира дека содржината на истото е подготвена и проследена во соработка и со согласност на Министерството за култура.
„Министерството за култура најостро реагира на соопштението на Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, дистрибуирано до медиумите на 27.7.2020 година, од страна на нивната ПР агенција „ Навигаторс“. Со цел објективно информирање на јавноста, потенцираме дека во наведеното соопштение Агенцијата за филм незаконски го користи логото на Министерството за култура – Сектор за управен и инспекциски надзор. Воедно со соопштението јавноста е донесена во заблуда бидејќи иницира дека содржината на истото е подготвена и проследена во соработка и со согласност на Министерството за култура“, се наведува во реакцијата.
Министерството за култура, се додава во него, односно Секторот за управен и инспекциски надзор не е орган кој наложува запирање на истрага која е предмет на работата на друг надлежен орган – Државната комисија за спречување на корупцијата.
„Информираме дека Секторот за управен и инспекциски надзор, Записникот од извршен вонреден инспекциски надзор со наод на утврдената фактичка состојба во Агенцијата за филм го достави до Државната комисија за спречување на корупцијата на натамошно постапување согласно нивните надлежности утврдени во Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси“, пишува во реакцијата на Министерството за култура.