Утрински Весник
Култура

Манчевски, Митевска и четворица дебитанти добија поддршка за нови долгометражни филмови

Манчевски, Митевска и четворица дебитанти добија поддршка за нови долгометражни филмови

Од Агенцијата за филм денеска порачаа дека во текот на изминатиот турбулентен период иамле една и единствена мисија: да го спроведат конкурсот за долг, краток, игран, документарен и анимиран филм и да дадат поддршка да се реализираат најдобрите пријавени дела.

„Резултатот од конкурсот е објективен, непристрасен, современ и квалитетен избор. Понудата беше шаренолика, а целта е да се селектира најдоброто, со идеја да се продолжи со досегашниот подем на новиот бран македонски филм“, порачуваат од Агенцијата.

Покрај режисерите Милчо Манчевски и Теона Митевска, кои добиваат по 500.000 евра за своите нови филмови „Кајмак“ и „Најсреќниот човек на светот“, на овој конкурс се поддржани четворица дебитанти.

„Станува збор за автори што уште со своите краткометражни филмови покажаа оригиналност, силен потенцијал за авторство. Столевски, кој на фестивалот ‘Санденс’ победи со ‘Види ја ти неа’, во своето долгометражно деби ‘Домаќинство за почетници’ ветува интересна приказна за различностите, за хуманоста, солидарноста, зборува на универзален јазик, ги руши матриците и табуата за сексуланата ориентација, Димитар Оровчанец во ‘Убиј ги прво децата’ нуди урбана приказна, една перецепција на младите и нивната леснотија да се справат и со најсложени ситуации, а Агим Абдула во ‘Кома’ креира приказна за човечката истрајност, искушенијата, а Андреј Илиевски Волкашин, кој покажа голема оригиналност и во краткометражниот филм, тоа го нуди и со ова сценарио за неговиот прв игран филм“, велат од Агенцијата за филм додавајќи дека тоа што е важно е дека овие млади автори со темите кореспондираат универзално иако ја носат автентичноста на новиот македонски филмски бран.

Во однос на документарните филмови на конкурсот се поддржани четири филмски проекти и една малцинска копродукција, а темите што се обработуваат се брутализам како правец во архитектурата, емиграција и пририодни феномени.

„Особен предизвик се филмовите каде што македонските копродукции се со малциниски удели бидејќи станува збор за скапи филмови, особено првпат во историјата имаме соработка со грчка продукција, а тука се и соработките со Хрватска и Црна Гора“, се наведува во соопштението.

Поддржани се и четири кратки филмови, од кои два на дебитанти, два на веќе реализирани режисери, а од категоијата анимирани филмови има само еден – „Жиголо” на Жарко Иванов.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“