Утрински Весник
Свет

Германски медиуми тврдат дека Меркел неделава спречила воен судир меѓу Турција и Грција

Германски медиуми тврдат дека Меркел неделава спречила воен судир меѓу Турција и Грција

Во вторникот вечерта, во Средоземното море дошло до тензии меѓу Грција и Турција околу малиот остров Кастелоризо во близина на турскиот брег, кои за малку ќе ескалирале во вооружен судир. Телефонски повик на Ангела Меркел спречил ескалација на судирот буквално во последен момент, пишува германскиот таблоид „Билд“, а пренесе „Дојче веле“.

„Билд“ понатаму наведува дека причината за конфликтот меѓу двете земји се пробните дупчења во потрага по нафта и гас, што Турција ги спроведува во непосредна близина на грчките острови, во зоната која Грција ја смета за т.н. Ексклузивна економска зона (ЕЕЗ). Станува збор за морска област во радиус од 200 наутички милји околу овој остров.

Германскиот весник со најголем тираж дознава и дека поради ваквата ситуација, во вторникот попладне 18 турски воени бродови биле на пат кон островот. „Билд“ исто така јавува дека Грција ја ставила својата армија во состојба на целосна борбена готовност.

„Но, тогаш се вклучила германската канцеларка Ангела Меркел. Таа прво остварила телефонски разговор со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, а потоа и со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис. Резултат: Турција повлекла 16 воени бродови, сепак оставајќи два во близина на островот. Но, потегот предизвикал олеснување кај обете страни во Егејското Море“, истакнува „Билд“.

Меѓутоа, берлинскиот весник „Тагесшпигел“ пишува дека малку е веројатно оти ќе има некој поголем пресврт во однос на спорот околу природните ресурси.

Весникот објаснува: „Двете страни веруваат дека се во право. Притоа, тие се повикуваат на различни конвенции и одредби во рамки на поморското право. Двете држави треба да ја препознаат потребата за јасна пресуда од независна трета страна. Тие треба итно да се обратат до Меѓународниот суд на правдата. Меркел, ЕУ и НАТО треба да ги убедат своите членки и партнери Турција и Грција за ова. Во спротивно постои закана од отворање на ново воено жариште во Средоземното море, кое во овој случај беше само одложено“, се наведува во коментарот на берлинскиот весник.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Русија го подготвува ракетниот систем „Сармат“ за оперативна готовност

На Германија годишно и се потребни 288.000 странски работници

Долниот дом на Парламентот во Австралија го усвои предлог-законот за забрана за користење на социјалните мрежи за деца под 16 години