Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, се надева дека новиот извештај подготвен од Комитетот за разузнавање и безбедност во парламентот на Велика Британија нема да содржи неосновани обвинувања и инсинуации, пренесува ТАСС.
„Се надеваме дека барем овојпат, по толку истраги што ги спроведоа сојузниците на Велика Британија за мешање на Русија, кои доведоа до негативни резултати и не потврдија ништо, ќе има некои документи што нема да содржат неосновани обвинувања или инсинуации“, изјави Песков непосредно пред објавувањето на документот.
Портпаролот на Кремљ посочи дека Русија никогаш не се мешала во изборните кампањи на другите држави и не толерира мешање во сопствените внатрешни работи.
„Русија никогаш не се мешала во изборните процеси во која било земја во светот, било да се тоа САД, Велика Британија или други држави. Ние не го правиме тоа и не го толерираме кога други земји ќе се обидат да се мешаат во нашите внатрешнополитички работи“, додаде Песков.
„Значи, дури и ако овој извештај содржи некои обвинувања, уште сега можам да ве уверам дека тие ќе бидат неосновани. Ова ќе биде уште еден пакет на неосновани обвинувања“.
Портпаролот на Кремљ призна дека Москва не е запозната со содржината на извештајот.
„Прво и основно, го следиме она што се случува во нашата земја, а во моментов, нашиот приоритет се клучните области на развој на нашата земја до 2030 година. Со сета почит кон Велика Британија, нашиот приоритет е она што се случува во нашата земја“, рече Песков.
Претходно во вторникот, рускиот претседател Владимир Путин потпиша указ за целите на националниот развој на Русија до 2030 година.
Комисијата за разузнавање и безбедност на британскиот парламент денеска објави извештај за активноста на разузнавачките служби на Велика Британија. Пред објавувањето, „Дејли телеграф“ информираше дека британските пратеници не нашле докази за мешање на Русија во референдумот за Брегзит во 2016 година.
Според весникот, во извештајот на 50 страници се тврди дека Москва се обидела да се меша на референдумот за независност на Шкотска во 2014 година.