На територијата на Бор, Република Србија е прогласена вонредна состојба, врз основа на предлогот на Експертско-оперативниот тим за вонредни ситуации и Институтот за јавно здравје „Тимок“ заради неповолната и неизвесна епидемиолошка состојба.
„Во моментов има 24 лица во Бор кои се позитивни за Ковид-19. Ситуацијата во Бор е поповолна во однос на другите места во источна Србија, но ние сме должни да постапуваме превентивно“, рече Александар Миликиќ, градоначалник на Бор, пренесува „Блиц “.
Тој потенцира дека неодговорното однесување на поединци довело до ширење на коронавирусот во Бор.
„Повеќето наши сограѓани кои се позитивни за Ковид-19 беа на рафтинг на Тара по што го рашириле вирусот. Околу десетина жители на Бор биле на рафтингот, некои од нив работат во институции и веднаш се изолирани, но за жал сега и нивните семејства се заразени. Имаме и луѓе кои биле во други градови, а потоа седеле во ресторани и со тоа го проширеле овој вирус во Бор “, рече Миликиќ.
Во претходниот период се излекуваа тројца пациенти.