Во организација на дискографската куќа ПМГЏЕЗ на 23 и 24 јули, во паркот позади Младинскиот културен центар ќе биде одржаното првото издание на фестивалот „Крај Вардарот џез“. Фестивалот е производ на оваа дискографска куќа, која постои од 2018 година и досега има издадено 14 изданија современ македонски џез, а идејни творци се џез музичарот Владан Дробицки и музичарот и продуцент Мирко Попов.
Културолошката заложба на ПМГЏЕЗ е пронаоѓање, создавање, снимање, издавање и промоција на квалитетна македонска џез, етно, кросовер музика (pmgjazz.bandcamp.com). Поголем дел од музичките автори, кои имаат издадено за оваа дискографска куќа ќе настапат на фестивалот, кој е поддржан од Министерството за култура.
„Инспирирани од одличната работа на нашиот лејбл ПМГЏЕЗ во изминативе неколку години, цврсто верувавме дека треба да направиме и џез фестивал. Успеавме да ја материјализираме нашата идејна замисла. Фестивалот нема да биде строго ограничен на канонско сфаќање на џезот, туку ќе биде отворен за музички излети и авантури. Во центарот на нашиот интерес се македонските џез музичари и амбицијата да се подигне квалитетот на нивниот перформанс, но секако и подигнување на нивниот профил во очите на домашната јавност. Незадоволни од односот на нашето општество кон оваа култура, а пред се кон нејзините локални чинители, ПМГЏЕЗ и Крај Вардарот… се во мисија за подобрување на атмосферата и условите за работа, издаваштво и промоција на македонската џез музика“, велат организаторите на фестивалот.
Првата фестивалска вечер ќе почне во 19.45 часот со настапот на скопскиот џез музичар Филип Букршлиев, кој ќе отвири композиции од неговиот соло гитарски албум „Don’t go away mad because the Duke is not coming back“.
По него настапува веројатно најквалитетниот џез состав во земјава, ветераните „Сетстат“. Музичари, кои 30 години се френетично активни на музичката сцена. Квалитетот на нивните изданија е во постојан подем, а нивниот настап во живо е уникатно музичко доживување, нешто што се памети и за кое долго се дискутира низ возбуда.
Скопските „Зулу 3.4“ кои неодамна го издадоа својот втор албум се еден од најинтересните млади џез состави, кои се обидуваат да се стекнат со кредибилитет на нашата сцена. Извонредно свежи, интересни и квалитетни, ќе бидат вистински предизвик за џез сладокусците и добронамерната публика.
Вечерта ќе ја заокружи „Кантон6Квартет“ техно-џез хибрид, во состав Мирко Попов, Синиша Евтимов, Владан Дробицки и Панче Бујуклиев.
https://pmgjazz.bandcamp.com/album/interactive-music-lab-skopje-sessions
Следната вечер, фестивалот ќе започне во 20 часот. Настапува светски реномираниот, македонски џез хармоникаш и мулти-инструменталист Јордан Костов со неговиот квинтет, кој поголемиот дел од времето го минува патувајќи, компонирајќи и соработувајќи со голем број музичари од светот. Досега има издадено два албуми за ПМГ џез „Sanfona de grapa“ и „Plush pig“. Костов и припаѓа на генерацијата млади македонски уметници, кои имаат раскрстено со предрасудите и кои го имаат надминато стравот од нормалната творечка комуникација со глобалниот свет. Извонреден композитор и наобразуван инструменталист на хармоника, од родното Квадарци досега го има свртено целиот свет со своите настапи. Неговата номадска кариера вбројува најмногу настапи низ Јапонија и Кина. Неговите досегашни соработки не вклучуваат само музичари од тој дел на светот, туку и Американци, Германци, Индијанци и при тоа за него основен услов е да се чувствува слободата на мислата и изведбата.
По него џез триото „Cobalt code unit“, кое го сочинуваат музичарите Благојче Томевски (кларинет, перкусии, вокал), Благоја Глигоровски (гитара) и Драган Теодосиев (тапани). Поимот „уникатно“ е врзан за нивните изданија. И никогаш не бил посоодветен отколку сега. Извонредно трио, кое произведува шамански импровизациски звуци длабоко вкоренети во ритуалната музика на истокот. Нивниот албум „Ритуал“ е издаден за ПМГ џез.
За крај, скопскиот состав „Светлост: Одрон Ритуал Оркестар“, луѓе кои со нивниот албум „Odron Ritual Orchestra“ издаден за ПМГЏЕЗ минатата година, успеаја да влезат во сите порелевантни светски топ листи за најдобар џез албум за 2019 година. Ова придонесе за неверојатен успех во продажбата на нивниот албум на Band Camp (светски познат он лајн сервис за музички артисти и лејблови), што дефинитивно ги прави најпродаван македонски музички продукт во светот за 2019 година. Во „Светлост“ членуваат 11 музичари на сцена, што го прави нивниот настап вистинска атракција за публиката.
Влезницата е симболични 100 денари, а двете фестивалски вечери ќе се одвиваат според сите протоколи предвидени за организација на настани од овој тип, поради актуелната ситуација со коронавирусот. Задолжително е носење маска, столчињата ќе бидат поставени на 2 метри растојание.
Организаторите на фестивалот апелираат до публиката да се држи до сите норми на однесување, се со цел да се заштитиме меѓусебе и наедно да покажеме пример дека настаните од културата можат да се одвиваат безбедно и во вакви услови. Бројот на посетители е ограничен на 300 седишта.