Државите започнаа со отворање на границите за време на летната туристичка сезона, откако речиси во цел свет патувањата беа забранети поради пандемијата на ковид-19. Македонските граѓани, сепак, немаат многу опции за патување во други земји. Поради тоа, најголем дел од нив кои сакаат да патуваат летово, ќе треба да се одлучат за некоја од домашните дестинации.
Младите имаат различни планови за летување во наредниов период, покажа анкетата која беше спроведена во соработка со администраторите на Инстаграм профилот @studentarijamk. Станува збор за профил кој има повеќе од 15.000 следбеници, најголем дел млади лица. Прашањата беа поставени онлајн во периодот помеѓу 5 и 6 јули, а одговорија 3.129 испитаници. Иако не станува збор за професионално спроведена анкета, сметаме дека резултатите даваат релевантна слика.
На прашањето дали планирате летување во наредните три месеци, потврдно одговориле 51,8 проценти од испитаниците. Нешто помалку, 48,2 отсто одговориле дека не планираат да летуваат никаде во наредниот период.
Иако засега за македонските државјани се отворени само границите за дел од соседните држави, речиси две третини од младите одговориле дека и во случај да бидат отворени границите, тие сепак ќе останат во државата и ќе се свртат кон домашен туризам. Така, 65,4 отсто одговориле дека најверојатно ќе летуваат во Македонија, додека 34,6 проценти рекле дека ќе заминат на летување надвор од Македонија, под претпоставка дека ќе бидат отворени границите. Анкетата покажа и дека младите преферираат плажа (71,3 проценти) наспроти планина (28,7 проценти).
Очекувано, најпосакувана домашна дестинација и летово ќе биде Охрид, кој како најверојатна домашна опција го навеле речиси половина од испитаниците (49,5 отсто) кои летово ќе останат во Македонија. По Охрид, најпопуларни се Дојран и локациите околу Преспанското Езеро (Стење, Коњско, Крани). Популарноста на Дојран помеѓу младите, се чини најмногу се должи на Д Фетивал, зашто голем дел од испитаниците одговориле дека планираат да заминат таму за време на одржувањето на фестивалот. Од планинските места, според одговорите, прво на листата е Берово. По него следуваат Маврово, Галичица и Пелистер.
Кога станува збор за странските дестинации, најголем дел од младите планираат да патуваат на некое од туристичките места во Грција. Нашиот сосед, сепак, сè уште ги нема отворено своите граници за македонските граѓани. Голем е бројот и на оние кои се спремни да заминат на летување во Албанија или Црна Гора, доколку биде дозволен влез за туристи од Македонија. Неколку испитаници нема да заминат на море, но затоа одговориле дека летово ќе ја посетат соседна Србија.
За домашен туризам, дел од младите ќе ги користат домашните платежни картички кои се наменети за купување македонски производи и услуги. Така, 9,9 проценти од оние на кои им следува ваква картичка, рекле дека средствата ќе ги искористат токму за туризам. Намирници за дома, пак, со овие средства ќе купат 50,4 отсто од испитаниците. Останатите, картичките ќе ги искористат во ресторан, бар или некој друг угостителски објект (15,5 проценти) или пак за купување на облека (21,5 проценти) или книги (2,5 проценти).
Во рамки на анкетата беше поставено и прашањето за тоа колку социјалните животи на младите и дружењето со пријателите се променети од почетокот на пандемијата. Така, најголем дел, речиси 30 отсто одговориле дека социјалниот живот им е умерено променет. Пандемијата целосно го променила дружењето со пријателите за 26,6 отсто од испитаниците, додека пак, само 8,2 проценти одговориле дека три месеци по појавата на ковид-19, социјалниот живот не им е воопшто променет.