Австриската влада донесе одлука да го прошири списокот на држави за кои важи предупредувањето за патување во Романија, Бугарија и Молдавија, и најави строги контроли на своите источни граници.
Австрискиот канцелар Себастијан Курц, по владината седница, рече дека состојбата во врска со коронавирусот на Балканот и Балтикот се влошила и дека има се повеќе случаи на инфекција во Австрија увезени од исток.
„Се соочуваме со се поголем увоз на зараза од странство. Затоа нашиот итен апел е да не се патува во тие земји“, објасни тој.
Курц потсети дека за тие земји важи мерката за двонеделен карантин.
„Прекршувањето на карантинот е сериозно кривично дело и кој и да го стори тоа мора да смета на парична казна до 1.450 евра. Кој е позитивно тестиран и ја нарушува карантинската одлука, сторил кривично дело и мора да смета на јасно построга казна“, истакна Курц.
Тој најави дека ќе се спроведуваат построги контроли на карантин, но и на границите кон исток.
„Повратниците од Балканот ќе бидат особено контролирани“, додаде Курц, најавувајќи дека бројот на полицајци на границата ќе биде удвоен на 1.800.
Претходно овој месец, австриската влада одлучи да ги стави државите од Западен Балкан на списокот на земји за кои важи предупредувањето за патување, врз основа на кое сите оние што се враќаат во Австрија, а престојувале во земјите од поранешна Југославија, мора да одат на двонеделен карантин или да имаат негативен PCR-тест.