Утрински Весник
Македонија

Заев: САД се нашиот најголем партнер во градењето на стабилна, демократска држава

Заев: САД се нашиот најголем партнер во градењето на стабилна, демократска држава

Претседателот на СДСМ Зоран Заев, испрати честитка по повод 4 јули, Денот на независноста на Соединетите Американски Држави.

Во честитката меѓудругото се наведува:

„На 4 јули 1776 година, пред 244 години, беше усвоена Декларацијата на независност на Соединетите Американски Држави. 4 Јули, Денот на независноста, е најголемиот празник на САД, а воедно е и одлична прилика за прослава на демократските вредности и идеали кои се темел на САД, и кои се заедничка основа на нашето блиско пријателство и стратешко партнерство.

Од нашата независност до денес, не сме имале поголем и попосветен партнер и поддржувач како што тоа биле САД. Секогаш биле со нас, и кога ни било тешко, давале помош и поддршка за заедно да ги надминеме премрежјата и проблемите со кои сме биле соочени. Секогаш биле и со нас кога сме постигнувале успеси и кога сме славеле, оти споделената радост со искрени пријатели е поголема радост, а споделениот успех е поголем успех.

Благодарение на нивната помош и поддршка, за многу кратко време успеавме да ја вратиме демократијата во нашата држава, да ги зајакнеме нашите институции, да ја поставиме државата во вистинска насока и да ги реализираме нашите стратешки цели. Денес, имаме постабилна држава, посилни институции, поразвиена економија, подобри односи со соседите, и сме полноправна членка на НАТО. Седиме на иста маса со нашите сојузници, рамо до рамо, со САД и со другите НАТО земји членки.

Еднаков дел сме од големото транс-атлантско семејство на народи. Заради нашето партнерство и заедничка соработка со САД, нашите граѓани денес уживаат поголеми слободи и права, во постабилна, побезбедна и попросперитетна држава.

Секогаш сум искажувал благодарност за срдечната, континуирана и дво-партиска поддршка што Република Северна Македонија ја добивала од САД, во сите мои средби и состаноци со конгресмени, сенатори и други претставници на САД, вклучително и во средбите со поранешниот потпретседател Џо Бајден, сегашниот потпретседател Мајк Пенс и претседателот Доналд Трамп. Остануваме посветени на натамошно унапредување на нашите односи, како традиционални партнери и сојузници во НАТО“, додава Заев.

Текстот Заев: САД се нашиот најголем партнер во градењето на стабилна, демократска држава е превземен од МАКФАКС.

Извор: Makfax

Можете да прочитате

Денеска променливо облачно, претежно во западните делови со повремен снег, попладне облачноста ќе се намали

Денеска променливо облачно, претежно во западните делови со повремен снег, попладне облачноста ќе се намали

СДСМ: МВР итно да постапи, запален е автомобилот на претседателот на Општинската организација Кривогаштани