Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) му изрече 10 годишна суспензија на својот поранешен финансиски директор Маркус Катнер. Тој е казнет бидејќи на поранешниот претседател Сеп Блатер и други високи функционери им овозможил да добиваат зголемувања на платите и бонуси од неколку десетици милиони долари.
Етичката комисија на ФИФА открила кај Катнер судир на интереси и злоупотреба на службената положба. Покрај суспензијата тој е казнет и парично со еден милион швајцарски франци кои мора да ги плати во рок од 30 дена.
Катнер во ерата на Блатер 13 години го надгледувал финансиите на ФИФА. Кога доби отказ во 2016 година од новиот менаџмент било откриено дека заедно со Блатер и поранешниот генерален секретар Жером Валке делел високи бонуси.
Во своја одбрана тој рекол дека договорите биле одобрени од страна на комисијата на ФИФА задолжена за компензации и дека сумите им биле познати на тогашните ревизори.
Блатер и Валке се суспендирани на шест, односно десет години и против нив се води истрага во швајцарското обвинителство.
Текстот Поранешниот финансиски директор на ФИФА доби 10 годишна суспензија е превземен од МАКФАКС.