Утрински Весник
Македонија

Почна рушењето на дивоградбите на плажите кај Канео, следни се Градиште, Свети Стефан и Далјан

Почна рушењето на дивоградбите на плажите кај Канео, следни се Градиште, Свети Стефан и Далјан

На охридското крајбрежје продолжува акцијата за отстранување нелегални градби и урбана опрема согласно владината уредба за враќање на плажите во првобитна состојба, а со цел вoведување ред на крајбрежјето по препораките на УНЕСКО.

Вчера истече рокот којшто Општина Охрид им го даде на сопствениците на објекти на потегот на крајбрежјето кај населбите Канео и Далјан, како и делот од „Свети Стефан“ до „Градиште“ на источното крајбрежје, сами да ги отстранат платформите и урбаната опрема кои нелегално ги поставиле на плажите на Охридското езеро.

Туристичките работници со негодување гледаат на ваквите активности, бидејќи сметаат дека со рушењето на објектите на плажите се намалува туристичката понуда на Охрид. Поради тоа, за плажите на кои има репрезентативни објекти, според нив, треба да се најде поинакво решение.

– Мислам дека може да се најде соломонско решение овие плажи да останат во сопственост на државата, на локалната самоуправа, на Министерството за транспорт и врски, и како такви, да ги прилагодат според стандардите на УНЕСКО и да се изнајмуваат на идни концесионери – вели Олег Маленко, сопственик на туристичката агенција „Вис Пој“.

Од туристичкиот сектор со апел до надлежните власти, плажите на кои се руши што побрзо да се исчистат од градежниот шут и да се уредат за да може да бидат користени од гостите, со цел да се спаси колку што може овогодинешната туристичка сезона, од која и онака туристичките работници трпат огромни штети.

Од Општина Охрид порачаа дека процесот на отстранување на урбаната опрема и бесправните градби ќе продолжи и ќе трае сè до конечно расчистување на крајбрежјето. Плажите ќе бидат уредени и насипани со речен песок, којшто е дозволен согласно Планот за управување со светско природно и културно наследство на Охридскиот регион. Отстранувањето на нелегални објекти, потпорни ѕидови, шанкови, платформи, метални конструкции и настрешници, се врши на плажите кои се надвор од опфатот на Генералниот урбанистички план и навлегуваат во КП Охридско Езеро.

Објектите кои се наоѓаат во опфатот на Генералниот урбанистички план ќе бидат решавани со изготвување на Урбанистичко-планска документација за крајбрежје, согласно Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Шекеринска ги обедини СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во чест на историскиот успех

Македонски автобус вечерва се излизга од автопат и удри во банкина во Србија

Мицкоски: Се надевам дека деновиве ќе имаме друга позиција од банките, целта е што пониска камата за бизнисот