Скопје, 29 јуни 2020 (МИА) – На денешното Собрание на клубовите од регионалната кошаркарска АБА лига одржано преку видео-врска, донесена е одлука новата сезона да започне на 19 септември. Основниот дел од сезоната ќе трае до 28 март 2021 година, додека плеј-офот треба да започне на 4 април 2021 година.
Собранието донесе одлука дека и АБА Лигата и АБА Лига 2 ќе бидат составени од 14 клуба до сезоната 2024/25.
Во согласност со потврдениот систем на натпреварување, последнопласираниот тим на АБА-лига нема да има право да учествува на ова ниво на натпреварувањето во наредната сезона, додека 13-пласираниот тим на АБА-лигата и финалистот на АБА Лига 2 ќе се соочат едни со други во баражот за АБА-лигата.
Поради пандемијата на коронавирус откажан е Суперкупот на АБА 2020/21 година.
Доколку Приморска, која има финансиски проблеми не се откаже од натпреварувањето, МЗТ Скопје Аеродром ќе остане во АБА 2, каде во новата сезона, од македонските клубови ќе игра и Работнички. зс/