Скопје, 29 јуни 2020 (МИА) – Американската амбасадорка Кејт Мари Брнз денеска во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија ја предаде донацијата од Соединетите Американски Држави, преку Бирото за меѓународна борба против наркотици и спроведување на законите (ИНЛ), во вредност од 35.000 американски долари како поддршка за намалување на ширењето на КОВИД-19.
-Ова е едно исклучително тешко време и навистина е импресивно како правосудните институции тука во Северна Македонија продолжија да ги исполнуваат своите професионални задачи дури и во овие несекојдневни услови. Сакам да ги пофалам за нивната посветеност да ги заштитат животите на нивните вработени и на граѓаните. Мило ми е што ние можеме да помогнеме денеска со оваа донација, нагласи амбасадорката Брнз.
Донацијата има за цел, како што рече, да го запре ширењето на коронавирусот, но и да се обезбеди заштита на вработените и на граѓаните во овие важни инститиции.
-Ова се многу тешки времиња, а правосудството имаше импресивна улога во исполнувањето на своите обврски дури и во вакви уникатни околности. Знам дека Судскиот совет имаше неколку телеконференциски седници, а Основниот суд во Кавадарци одржа виртуелно судење, прво во земјата. Сите моравме да најдеме нови начини и преку дигиталната технологија додека фокусот е на заштита на здравјето на граѓаните, истакна Брнз.
Поддршката на САД во Северна Македонија, како што посочи амбасадорката, е дел од нивната стратегија да се спасат животи и да се намалат ефектите на секундарното влијаните во земјите зафатени од коронавирусот.
Донацијата што ја предаде амбасадорката Брнз ја презедоа в.д. претседателот на Врховниот суд Фаик Арслани, државниот јавен обвинител Љубомир Јовески и директорот на Управата за извршување санкции Јовица Стојановиќ.
-Оваа донација доаѓа во вистинско време, во момент кога имаме потреба сите заедно да се бориме против пандемијата на КОВИД-19, рече Арслани.
Посочи дека донацијата е уште еден доказ за силната поддршка на САД во севкупните напори кои ги вложува државава и судството во целина во Република Северна Македонија.
-На сите ни е јасно дека само со координиран пристап, солидарност и тесна соработка ќе ја добиеме оваа битка со многу опасниот коронавирус. САД се многупати докажан пријател и поддржувач. Тие се со нас во справувањето со сите досегашни предизвици, рече Јовески.
Справувањето со предизвиците кои ги носи глобалната здравствена, економска и социјална криза предизвикана од КОВИД – 19 , како што додаде Јовески, е многу полесно кога знаеме дека имаме помош од вистински пријатели.
-Оваа донација всушност ќе ни овозможи да продолжиме со интензивно темпо да ги штитиме нашите штитеници и вработените во казнено-поправните установи, за спречување на ширењето на КОВИД-19, истакна Стојановиќ.
Во рамките на оваа донација, судовите, Академијата за судии и јавни обвинители, Судскиот совет, јавните обвинителства, Советот за јавни обвинители, затворите и Управата за извршување санкции добија средства за чистење и дезинфекција на површини и антибактериски гелови за дезинфекција и суво миење раце.
Амбасадата на САД во Скопје додели вкупно 6.360 пакувања од по половина литар антибактериски гел за дезинфекција и суво миење раце како и 400 средства/раствори од по 10 литри за чистење и дезинфекција на површини, набавени од домашни производители. дма/лв/
видеоматеријалите за настанот може да се преземат од You Tube каналот на МИА
Донација од Амбасада на САД за правосудството за справување со Ковид 19
Posted by MИА.mk on Понеделник, 29 јуни 2020