Утрински Весник
Македонија

ОУ „Вера Јоциќ“ ќе има нова спортска сала од септември, се реализираат и други проекти во Гази Баба

ОУ „Вера Јоциќ“ ќе има нова спортска сала од септември, се реализираат и други проекти во Гази Баба

Скопје, 29 јуни 2020 (МИА) – Основното училиште „Вера Јоциќ“ во населбата Хиподром во општина Гази Баба, кое лани доби нов објект, од септември ќе има и нова училишна спортска сала и учениците ќе имаат место за спортски активности кои во изминатите десетина години поради немање услови ги практикуваа во училишниот хол.

Салата е на површина од 650 квадратни метри, комплетно е опремена со реквизити за различни спортови, има соблекувални и туш. Објектот е енергетски ефикасен, овозможен е пристап и за лица со попреченост.  Вредноста на објектот е околу 24 милиони денари обезбедени од Владата.

Премиерот Оливер Спасовски во придружба на заменик-министерката за образование и наука, Елизабета Наумовска, и градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски, по  увидот изјави дека градежните работи се при крај и очекува салата наскоро да биде завршена, а учениците да ја користат од септември во новата учебна година.

Посакува да има, рече, повеќе деца кои со џагор ќе ја исполнат и салата и училиштето кое од лани има нов објект со современи услови за настава. Истакна дека целиот проект го завршиле откако ги одглавиле, како што рече, работите коишто од за него непознати причини стоеле со години  во фиока од  претходната влада и од претходната локална власт.

– Вредноста на проектот изнесува некаде околу 55 милиони денари – средства на Владата. Овој објект е на површина од 2125 метри квадратни, има 12 училници, шест кабинети, библиотека, помошни простории и  капацитет за 600 ученици. Изведен е, исто така, и лифт за лица со со попречености, има и пристапни рампи. Станува збор за еден современ училишен објект, рече Спасовски.

Потенцираше дека во изминатите три гидини приоритет на Владата бепа поддршката за општините и обврската да им бидат пренасочени повеќе средства за, како што рече, достоен живот за сите граѓани во средината каде што живеат.

-Општина Гази Баба е една од единиците на локална самоуправа со која заеднички спроведуваме долга листа на проекти од инфраструктура или други проекти коишто се од витално значење за унапредување на квалитетот на животот на граѓаните. На таа листа се наведени, завршени, реализирани и проекти во план, истакна премиерот.

 

Притоа соопшти дека се реконструирани и делови од основните училишта „Наум Наумовски-Борче“ и „25 Мај“, со поддршка на Владата е завршена целосна реконструкција на патот Јурумлери – Долно Лисиче – Драчево кој, рече Спасовски, повеќе од 10 години беше оштетен и небезбеден. Во прва фаза е и реконструкција на патот Хиподром – Илинден, а  во тек се и градежни работи на патот Раштак – Бутел, кој ќе биде проширен.

Во општина Гази Баба е завршено реновирање на градинкиите „Калинка“, „Морковче“ и „Темјанушка“, а во завршна фаза се проекти за изградба на нови градинки во Ќерамидница, Ченто, Трубарево и Инџиково, како и за изградба на ново училиште во Идризово, нова поликлиника во Автокоманда и изградба на дневен центар за деца со посебни потреби со сензорна соба. хс/лв/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Министерот Љутков и комесарот Токура: Преку Меморандумот за соработка ги зближуваме македонската и јапонската култура

Лимани: Непријавувањето на насилството од страна на жртвите е еден од најсериозните проблеми

Учество на Муцунски на десеттата годишна конференција „Медитерански дијалог” во Рим