Скопје, 29 јуни 2020 (МИА) – Интензивно ја следиме ситуацијата во однос на отворањето на границите и интензивно разговараме билатерално со претставници на околните земји, но засега нема препорака која би потекнала од анализа на нашите случаи дека би вовеле некакви дополнителни рестриктивни мерки, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
-Бројот на заразени во градот Скопје е во континуиран пад, но имаме нови случаи во други градови, во околината на Тетово и на Гостивар, во Штип не многу, но се уште има, како и во Ресен и Битола. И тоа се уште ја одржува бројката на заразени нешто повисока. Факторот на преносливост вчерашниот ден заклучно со викендот кога ги правевме последните анализи е под единица и многу е битно така да опстане. Апсолутно сите случаи се резултат на непочитување на мерките. Мора сите да сфатат дека само така ќе се извлечеме од оваа криза, рече Филипче на новинарско прашање по посетата на Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле, кој е нов КОВИД центар.
Слична е ситуацијата, вели Филипче, и во регионот, за што, вели, имаме информации од соедните земји дека бројот на случаи е во пораст.
-Така е секаде каде што се попуштаат рестриктивните мерки, а не се почитуваат превентивните мерки. Во таа смисла, навистина е многу битно граѓаните да сфатат дека мора да се носат маски, да не се прекршуваат правилата. Само така за пократко време ќе се спречи трансмисијата на вирусот. Од друга страна анализирајќи ги посебните градови и општини препорачуваме и посебни мерки. На пр. затворањето на повеќе конфекции во Штип сериозни влијаеше на намалувањето на факторот на преносливост, потоа затворање на неколку фабрики во Ресен, веројатно ќе беше бројот на заболени повисок, така што интензивно ја следиме ситуацијата во однос на отворањето на границите. Како една од последните земји што ги отвори границите, сепак и ние сакаме да бидеме внимателни, рече Филипче.
Тој потенцираше дека има интензивни билатерални разговари со претствници на околните земји. Засега, нагалси, нема некаква најава од наша страна во смисла на препорака, а која би потекнала од анализа на нашите случаи дека би вовеле некакви дополнителни рестриктивни мерки.
-Вирусот е тука, нема да замине само со почитување на превентривните мерки ќе се извлечеме од кризата, порача Филипче. вг/лв/