Охрид, 28 јуни 2020 (МИА) – Македонскиот туристички бисер Охрид е најдоброто место за промоција на проектот на Македонски концепт за заштита на историското и културното наследство, како на градот така и во државата.
Тоа денеска од Охрид го порача, Петар Богојески, кој истакна дека „Македонски концепт” тоа ќе го изведе и реализира на начин поразличен од она што, како што рече, досега го правеле претходните власти во изминатите 30 години.
– Историското и културното наследство во земјата ќе го заштитиме вистински на начин како што налагаат европските стандарди. Устите ни се полни со ЕУ, а немаме ниту ронка од нашата одговорност и минимум европско поведение за тоа како треба да се однесуваме кон наследството. Нашиот проект за заштита на историјата ќе биде суштински за отпочнување вистинска ренесанса за презентација на македонското културно и историско богатство пред светот, рече Богојески.
Тој истакна дека туризмот после земјоделството треба да биде втората суштинска гранка за развој на стопанството во земјата.
– Охридскиот регион преку туризмот може да го храни македонското образование и здравство. Да имаме достоинствено здравство, претходно треба да создадеме достинствен туризам, рече тој.
Носителот на Изборната листа на Македонски концепт за 5 ИЕ, Стево Наскоски, ги повика охриѓани да ја искористат „последната шанса” за решавање на проблемите во градот, но и поширокиот регион на Охридското Езеро.
– Ние нудиме шанса за комплетирање на заштита на езерото од отпадни води, преку прочистетлни станици на деловите на езерото што не се поврзани со Колекторот. Тука е и проектот „Охрид град музеј” за конзервирање и реновирање на објекти од културно изториско значење во градот со средства од државата. „Македонски концепт” нуди промени и последна шанса за Охрид, Струга и Македонија, изјави Богојески.
Тој го реафирмираше и минатогодишниот проект од Македонски концепт за изградба на автопат Велес – Прилеп – Битола – Охрид со кој ќе се поврзат и Крушево преку Кривогаштани, Демир Хисар преку Бучин, Ресен, Македонски Брод.