Берово, 26 јуни 2020 (МИА) – При крај е изградбата на водоводна линија на улицата „Прохор Пчињски“ во ромската населба во Берово. Жителите од овој дел на Берово, како што информираат од општината, се очекува да ги користат бенифитите од новиот водовод, на почетокот на наредниот месец.
– Проектот се реализира како тековна активност во рамки на Ромактед програмата за мали грантови, финасирана од Европска Унија и Советот на Европа. Истиот беше аплициран и одобрен, за што е склучен и договор со Советот на Европа за финасирање, во вкупен износ од 8.500 евра, а остатокот се од Буџетот на Општина Берово која учествува со кофинасирање од 437.550,00 денари, информираа од општината.
Проектните активности за Ромактед во Берово, како што додаваат, започнаа во март 2018 година, со потпишување Меморандум за разбирање, како трипартитен договор помеѓу Советот на Европа, Министерството за труд и социјална политика и градоначалникот на Општина Берово.
– Во текот на првите шест месеци од 2018 година, се формирани Акциска група на заедницата, Институционална работна група и Општинска работна група. Работата на сите три групи, беше поддржана од страна на фацилитаторот на проектот, во чии рамки беше дефиниран и проектот „Изградба на водоводна линија на улицата „Прохор Пчински“, додадоа од Општината.
Градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски кој учествува во работата на работните групи, со оценка дека ова е позитивна практика и добар пример во донесувањето одлуки и превземањето конкретни чекори, за надминување на специфичните проблеми, со кои се соочува ромската заедница во Берово. вс/цр