Утрински Весник
Македонија

Доделена е просторија за основање на Музеј на железниците во Транспортен центар

Доделена е просторија за основање на Музеј на железниците во Транспортен центар

Јавното претпријатие Железници на РСМ-Инфраструктура има доделено просторија во рамките на Транспортниот центар-Скопје, која што ќе служи за основање на Музејот на железниците на нашата земја. Од ова јавно претпријатие ја потврдуваат ваквата информација, посочувајќи дека одлуката е донесена на крајот на минатата година. Веќе се назначени и лица коишто во претстојниот период ќе работат на основање на новата музејска установа.

Работите за основање на Музејот на железниците и за опремување на просторијата во која ќе биде сместена оваа установа во моментов се забавени поради епидемијата со коронавирусот. Но, активностите треба да се забрзаат штом се надмине корона кризата.

– Иницијатива и желба за отворање на железнички музеј постои многу одамна. ЈП ЖРСМ располага со голем број на експонати коишто пред неколку години беа изложени во Музејот на град Скопје – велат за „Мета.мк“ од ова јавно претпријатие.

Македонија, заедно со Албанија, се последните две земји во Европа кои немаат основано Музеј на железниците. Земјава има богато наследство од 147 години зад себе, за кое се насобрани фотографии, документи, публикации и бројни железнички артефакти кои сведочат за развојот на железницата на овие простори.

„Мета.мк“ веќе објави сторија за потенцијалот што би можел да го има идниот Музеј на железниците во Скопје, како за привлекување на посетители, така и за едукација на младите генерации за развојот на железницата во нашата земја.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Состојбата во Буџетот која што ја наследивме беше алармантна, рече Мицкоски со барање ЈО да го истражи работењето во РЕК Битола оти долгот бил 5 милијарди денари

Лукаревска до Мицкоски: Граѓаните се гушат, каде ви е планот за чист воздух?

Никој не го пријавува инцидентот на Апасиев во Собранието, Гаши сака да остане неутрален