Утрински Весник
Македонија

Трет ден кампања за парламентарните избори 2020

Трет ден кампања за парламентарните избори 2020

Скопје, 26 јуни 2020 (МИА) – Трет ден од изборната кампања за предвремените парламентарни избори 2020. Партиите продолжуваат со своите активности, кои се одвиваат паралалено и на социјалните мрежи и со посета на градовите и на населените места во земјата. Од терен и од снимките се гледа дека партиите се обидуваат да ги почитуваат мерките за заштита од Ковид-19. Лидерите се обраќаат на централните настани на денот, додека посебни настани се организираат и за носителите на кандидатските листи по изборни единици.

Коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ според официјалната агенда денеска во 19 часот ќе има настан во Тетово, а потоа во 20:30 часот во скопски Аеродром.

-Нов концепт, со нова програма и над се нова македонска развојна економија. Ќе одржиме економски лекции и на Мицкоски и на неговите економски кадри, но и лекции на регионот. Затоа што имаме потенцијал, одлична географска поставеност, работлив народ, луѓе кои не се штедат само бараат фер-шанса чесно да заработат. Но и затоа што сега имаме пријатели, а не непријатели, и затоа што не почитува целиот свет. Затоа ќе успееме, истакна лидерот на СДСМ Зоран Заев на предизборната трибина одржана синоќа во Охрид.

Презентирајќи ја економската програма на коалицијата предводена од СДСМ на престојните предвремени парламентарни избори, Заев рече дека таа нуди реална можност за освојување 80 отсто од поглавјата за членество во ЕУ.

-Ќе издржиме, ќе ги фрлиме и маските, но што ќе прават нашите противници со тие нивни постојани маски кои што ги носат. Маски на преродбата, маски на лажниот патриотизам, маски сега на обновата, тие не можат никогаш да ги фрлат тие маски, рече Заев.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и нејзините коалициски партнери денеска ќе имаат средби со граѓани и обраќања во Демир Капија (17:00), во Неготино (18:30) и во Кавадарци (20:30).

Синоќа од Ресен лидерот на опозициската партија Христијан Мицкоски порача дека ВМРО-ДПМНЕ се обврзува на заштита на националното достоинство и враќање на националната гордост и секој кој го негира правото на нашиот мајчин јазик треба да знае дека нема за милиметар да попуштиме од тоа што се избориле нашите предци.

Мицкоски пред ресенчани посочи дека после 15 јули,  ВМРО-ДПМНЕ најпрво економски ќе ја обнови државата, за како што рече, нашите сограѓани да станат горди и богати, а потоа ќе следи обнова на Македонија во секој поглед.

Претходно за време на посетата на Струга, Мицкоски рече дека благодарение на погрешните политики на ова раководство на СДСМ предводено од Заев, Македонија бележи рекорди по број на заболени и луѓе кои, за жал, го губат својот живот и оти токму затоа сега е најпотребно заедно сите да се исправиме бидејќи само така можеме да ја обновиме Македонија.

Политичката платформа Македонски концепт ќе биде во посета на Изборната единица 3 и тоа во Велес (10:00), во Штип (13:00) и во Берово (16:30). ев/цр

 

 

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Дали од 29 Ноември Балканот ќе го зафати нов студен и снежен бран?!

Филипче: СДСМ не е лична сопственост ниту на Бранко, ниту на Заев, а најмалку моја

Филипче: Ароганцијата ќе ја закопаме длабоко под земја