Утрински Весник
Македонија

ДКСК: Државните активности да се не мешаат со партиските во изборниот период

ДКСК: Државните активности да се не мешаат со партиските во изборниот период

Скопје, 24 јуни 2020 (МИА) – По повод започнувањето на изборната кампања, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) повторно им укажува на министерствата, единиците на локалната самоуправа, фондовите, агенциите, дирекциите, јавните претпријатија, регулаторни тела, трговски друштва основани од државата и други институции основани од државата на нивната обврска за доследно почитување и примена на одредбите на членовите 8-а и 8-б од Изборниот законик, како и член 34 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, а се однесуваат на ограничувања и забрани на одредени активности во изборен период.

ДКСК во денешното соопштение потсетува дека од денот на донесувањето на одлуката за распишување на изборите до завршување на изборот на пратеници во Собранието и изборот на Владата согласно со резултатите од изборите, не може да се започне изградба со средства од буџетот или од јавни фондови или со средства на јавни претпријатија и други правни лица што располагаат со државен капитал на нови објекти во инфраструктурата како патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта и други објекти или објекти за општествени дејности училишта, градинки и други објекти, освен ако за таа намена претходно се обезбедени средства од буџетот, односно се работи за реализација на програма донесена врз основа на закон во тековната година.

– Не може да се вршат исплаќања на плати, пензии, социјална помош или други исплати и материјални надоместоци од буџетски средства или од средства на јавните фондови кои не се редовни месечни исплати односно сите едногодишни трансфери и исплати или еднократни трансфери од буџетски средства или од средства на јавни фондови ниту да се отуѓува државен капитал ниту да се
потпишуваат колективни договори. Не може да се започне постапка за вработување на нови лица или постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции, а започнатите постапки
се ставаат во мирување, освен во случаи на итни и неодложни работи, се појаснува во соопштението од ДКСК.

Во периодот од 20 дена пред отпочнување на изборна кампања па до завршување на изборот на пратеници во Собранието и изборот на Владата, се наведува, не може да се одржуваат јавни настани по повод започнување на изградба или пуштање во употреба на објекти со средства од Буџетот или од јавни фондови, или со средства на јавни претпријатија или други правни лица што располагаат со државен капитал, во инфраструктурата како патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта и други објекти или објекти за општествени дејности училишта, градинки и други објекти.

Од ДКСК прецизираат дека под забрана за одржување јавни настани не се подразбира, особено давање јавна изјава на носител на јавна функција или кандидат за носител на јавна функција на митинг, интервју на медиум, дебата на медиум или одговор на новинарско прашање.

За потребите на изборната кампања, предупредуваат од ДКСК, забрането е користење на канцелариски простор, канцелариска опрема и службени возила на државните органи, освен лицата на кои се однесуваат посебните прописи за заштита на личноста.

Укажуваат дека ДКСК нема да даваат мислење или согласност по доставени барања за мислења од институциите, а кои се однесуваат на вршење активности претходно опфатени со забраните.

– Одговорноста за работењето на институциите е на нивните одговорни лица, стои во соопштението од ДКСК.

Од ДКСК потенцираат дека ќе го следатцелиот изборен процес и во случаите на основи за сомневање дека се прекршува законот ќе се преземат мерки за утврдување на таквите сомневања, ќе ги известат надлежните органи и ќе бараат преземање активности во рамки на нивното надлежно постапување.

Во таа насока, од ДКСК ја повикуваат јавноста да го користи „РЕГИСТАРОТ на возила на државни органи, органи на локалната самоуправа, јавни претпријатија или други правни лица што располагаат со државен капитал“ објавен на веб страната на ДКСК, и секоја злоупотреба на возилата за партиски цели да биде пријавена.

На веб страницата на ДКСК е поставен образец „ПРИЈАВА“ и секоја повреда на претходно наведените ограничувања може да биде пријавена и поднесена преку меил.

Во соопштението се посочува дека оваа година ДКСК воспостави посеопфатно следење на активностите на учесниците во изборната кампања.

– Обезбеден е пристап до трансакциските сметки на сите учесници со цел увид во средствата кои се прибираат за финансирање на изборната кампања, обезбеден е пристап до бази на податоци од неколку институции со кои ќе може да се врши вкрстена проверка на прибраните финансиски средства, со меѓународна поддршка, ангажирани се набљудувачи и извршена е обука за начинот на снимање на активностите на учесниците во изборната кампања на терен. Добиените податоци ќе бидат користени во насока на обезбедување докази за регуларноста на изворите на финансирање од страна на учесниците во изборната кампања, стои во соопштението.

Во однос на обврската на ДКСК за одржување на јавни седници поврзани со одлучувања по поднесени приговори од организатор на изборна кампања во случаи на сомневање за незаконито финансирање на изборна кампања или незаконито користење и располагање со буџетските средства, имајќи ја во предвид ситуацијата со Ковид-19 вирусот, ДКСК максимално ќе ги почитува протоколите пропишани од надлежните органи за обезбедување заштита при одржувањето на седниците.

– Во  таа насока, а во зависност од моменталната ситуација, седниците ќе бидат одржани во соодветна просторија или on-line преку конференциска врска, за што јавноста ќе биде навремено известена.
Државната комисија во функција на следењето и контролата на законитоста на финансирањето на изборната кампања и на севкупниот изборен процес ќе остварува непосредна соработка со медиумите, здруженијата на граѓани и со граѓаните и за таа цел ја охрабрува целокупната јавност навремено да ги пријави конкретните случаи на прекршување на забраните утврдени во Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси и Изборниот законик, соопшти денеска ДКСК. цр/са/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Министерот Љутков и комесарот Токура: Преку Меморандумот за соработка ги зближуваме македонската и јапонската култура

Лимани: Непријавувањето на насилството од страна на жртвите е еден од најсериозните проблеми

Учество на Муцунски на десеттата годишна конференција „Медитерански дијалог” во Рим