Гевгелија, 23 јуни 2020 (МИА) – Со поставување на нов асфалт, денеска заврши комплетната реконструкција на најфрекветната улица „Индустриска“ која се наоѓа во старата стопанска зона во Гевгелија во која се стационирани повеќето стопански објекти во градот.
– Реконструкцијата на улицата опфати повеќе градежни активности како поставување на канализација за атмосферски води, нејзино проширување од пет на седум метри, тампонирање, уредување на тротоар од нејзината јужна страна и на крајот поставување на нов асфалт, велат од општината.
Посочија дека реконструкцијата на стопанската сообраќајна аорта во Гевгелија, долга 400 метри, на учесниците во сообраќајот ќе им овозможи полесно движење, а на индустриските објекти ќе им гарантира поголема безбедност од поплавување на дворните површини и објектите по обилните врнежи од дожд.
Реализацијата на проектот е во рамки на годишната програма за обнова, реконструкција и одржување на локалната патна мрежа за која од општинскиот буџет се одвоени триесетина милиони денари. им/аа/