Утрински Весник
Македонија

Гостиварските угостители годинава ќе плаќаат пониска такса за летните тераси

Гостиварските угостители годинава ќе плаќаат пониска такса за летните тераси

Гостивар, 21 јуни 2020 (МИА) – Гостиварските угостители оваа година ќе плаќаат помали износи за користење на јавни површини на кои функционираат летните тераси. Локалната самоуправа ваквиот потег го смета како помош за надоместување на загубите во кои западнаа со неработењето поради корона кризата.

Од Општина Гостивар информираат дека во склоп на мерките за управување со кризата создадена од пандемијата со Ковид-19, деновиве градоначалникот Арбен Таравари одлучил да се воведат олеснувања во плаќањето на комунални такси за угостителите кои користат јавни површини како летни тераса.

– Досега беше пракса, рокот за користење да се засметува за 183 дена, а за оваа година, обврската ќе се сведе на само 120 денови. За тие четири месеци цената ќе биде пониска за 30 проценти. Земено вкупно, угостителите годинава ќе плаќаат пониска комунална такса за околу 50 проценти. Оваа мерка за олеснување, има за цел да им помогне на угостителите полесно да се справат со кризата што се појави од пандемијата со Ковид-19, навдуваат од општина Гостивар.

Висината на таксата за користење на површини за летни тераси во Гостивар е определена преку зонирање. Во централниот дел на градот или првата зона за еден метар квадратен дневно се плаќа 10 денари, во втората осум и за третата зона пет денари. згм/сп/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Учество на Муцунски на десеттата годишна конференција „Медитерански дијалог” во Рим

61- годишна жена го роди своето прво бебе на Клиниката за гинекологија

Верниците се простуваат од упокоениот митрополит Дебарско-кичевски Тимотеј