Скопје, 19 јуни 2020 (МИА) – По претходна судска наредба денеска е извршен претрес во домот кај Г.С.(32) од Скопје на ул.„Хо Ши Мин“. За време на претресот пронајдени биле шест полиетиленски пакувања со бела прашкаста материја (кокаин) и една полиетиленска паковка со марихуана. Тој бил приведен во Полициската станица Чаир.
Вчера од страна на полициски службеници од Полициската станица Кочани, поради непочитување на мерките на Владата за превенција и заштита од прогласената пандемија на корона вирус (здравствен надзор и домашна изолација во траење од 14 дена) извршен е спровод на С.А.(54) од Кочани и О.У.(22) од Штип до Скопје во објект за државен карантин.
Вчера околу 18,50 часот на локалниот пат во месноста Бањиче во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода 42-годишниот Г.Р. од с.Мала Речица, затоа што при негов и преглед на возилото „бмв“ со тетовски регистарски ознаки, во кое се превезувал, била пронајдена марихуана. По целосно расчистување и документирање на случајот против Г.Р. ќе следува соодветен поднесок.
Од полициски службеници од СВР Скопје на бул.„Кочо Рацин“ вчера во 22.30 часот,лишен од слобода бил И.Б.(24) од Студеничани-скопско затоа што при извршениот преглед кај него бил пронајден пиштол марка ХС2000 кал.9 мм со седум куршуми за кој не поседува дозвола, а при извршената проверка за пиштолот констатирано било дека истиот бил сопственост на МВР. Тој бил приведен во Полициската станица Гази Баба за понатамошна постапка.
На 19.06.2020 во 01,40 часот во СВР Скопје, А.М.(22) од Скопје, пријавил дека околу 22,30 часот, на бул.„Гоце Делчев“,додека заедно со неговата девојка се движеле со возило, го пресретнала поголема група на лица, од кои две лица го запреле со возилото. Потоа едно од лицата физички го нападнало, а друго лице му го одзело возилото „пежо 306“, по што го напуштило местото на настанот. Во возилото имало пари и мобилен телефон. Инаку, според пријавеното, А.М. во текот на денот го купил возилото од Ф.И.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Вчера во 15,30 часот во Полициската станица Крушево, бил пријавен пожар на ул.„Благој Целев“ во Крушево, во објект-летна кујна сопственост на С.Ѓ. при што била целосно опожарена внатрешноста на објектот и кровната конструкција. Од екипа на Територијалната противпожарна единица Крушево пожарот бил локализиран. Извршен бил увид на местото на настанот од увидна екипа од Полициската станица Крушево.
СВР Струмица поднесе кривична пријава против А.А.(41) од с.Дабиле- струмичко, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “загрозување на сигурноста“. На 14.05.2020 двајца полициски службеници постапувајки по претходно пријавен настан во с.Дабиле пријавениот им упатил закани по живот.
Одделението за внатрешни работи Радовиш поднесе кривична пријава против Н.Ц.(35) од Радовиш, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “загрозување на сигурноста“. На 10 јуни 2020 година пријавениот отишол во Основниот суд Радовиш барајќи судија и на судски службеник му упатил закани по животот.
На 18.06.2020 околу 13,00 часот во СВР Скопје било пријавено дека под Железен мост на ул.„Васил Чакаларов“ во река Вардар било пронајдено телото на Ц.Т.(90) од Скопје. Од лекар од итна медицинска помош била констатирана смрт. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Скопје. По наредба на јавен обвинител телото на починатата е дадено на обдукција.
СВР Штип поднесе кривична пријава против Р.Г.(39) од Штип, Д.П.(37) од Чешиново-Облешево и правно лице од Штип поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “тешки дела против општата сигурност“. На 06.04.2020 првопријавениот како управител, второпријавениот како овластено лице на подружница и правно лице не постапиле согласно прописите и технички правила при работа и со тоа предизвикале опасност по животот и телото од што настапила смрт на лицето Љ.А. Имено, сега починатиот при извршување на работни задачи на надземен рудник Каменолом во Штип, кај сепарацијата за готов песок складиран во бетонски бункер на висина од околу 12 метри, дошло до слечување на песок, при што Љ.А. бил потрупан со поголема количина на ситен сепариран песок.
–Надворешната канцеларија за криминалистички работи Виница поднесе кривична пријава против Т.М.(86) од с.Истибања-виничко поради постоење основи на сомнение за сторено кривично делo “предизвикување општа опасност“. Имено пријавениот држел куче, необезбедено без надзор и заштитна маска и на 13.06.2020 на улица во с.Истибања Б.И. била нападната од кучето сопственост на пријавениот, кое и нанело повреда.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кочани поднесе кривична пријава против С.Д.(61) од с.Мојанци, патролен шумски полицаец во шумска полиција Кочани поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “злоупотреба на службената положба и овластување“. Пријавениот по донесено решение од Основен суд Кочани со кое се отфрла барањето за поведување прекршочна постапка против С.И. од с.Кучица-штипско, не поднел жалба до Апелационен суд Штип туку на 10.12.2018 со потврда за вратени предмети одземените огревни дрва и товарно возило ,,мерцeдес“ му ги вратил иако во решението не било наведено дека се враќаат.
СВР Струмица поднесе кривична пријава против Р.Т.(20) од с.Колешино- струмичко, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 27.12.2019 од полициски службеници бил извршен претрес во домот на П.М. од с.Колешино и било пронајдено и одземено хашиш и марихуана.
СВР Скопје поднесе кривична пријава против А.К.(40) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“. Пријавениот во својство на сопственик и управител на правно лице, иако знаел дека правното лицене спаѓа во категорија на правно лице кое може да издава на свои вработени „дозвола за движење на вработен поради вршење на сменска и ноќна работа“ од причина што нема регистрирано вршење на дејност и работа во трета или четврта смена постапил спротивно на пропишаните и определените мерки на тој начин што на 13.04.2020 како овластено лице-управител на установата, во име на правното лице изготвил и со свој потпис и печат на правното лице заверил дозвола од 13.04.2020 на свое име со која дозвола си дал право на движење за втора смена во временскиот период од 14,00 часот до 19,30 часот како и работа на повик, односно во периодот кога било забрането движење. На 22.04.2020 во 22,30 часот, на бул.„Гоце Делчев“ пријавениот, во време на забрането движење бил сопрен од полициски службеници поради вршење на контрола за поседување на „дозвола за движење на вработен поради вршење на сменска и ноќна работа“ и како доказ на увид ја приложил изработената дозвола.
СВР Струмица, СВР Штип, СВР Куманово и СВР Тетово поднесоа 12 кривични пријави против: Н.Б.(40) од Струмица, А.Ш.(34) од с.Кучица-Карбинци, А.М.(22), В.Д.(37), од Штип, А.К.(32), А.Г.(32), Д.Д.(22), од Скопје, Ѓ.И.(42) од Виница, С.К.(34) од Македонска Каменица, М.Ѓ.(37) од Куманово, Г.Е.(54) од с.Дебрише–Тетово и бил лишен од слобода, Б.М.(53) од с.Врапчиште–Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела “непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“. Пријавените не се придржувале кон воведената мерка за ограничено движење.
На 18.06.2020, С.Н. од Скопје, возач на автобус, пријавил дека А.А. од Скопје извршил кривично дело оштетување. Според пријавеното, додека С.Н. управувал автобус на релација Скопје-Охрид и превезувал лица во објект на државен карантин, на обиколницата на излез од Скопје, А.А. извршил оштетување на телевизорот во автобусот. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 18.06.2020 во 11.25 часот во СВР Скопје, О.Ф.(21) од Скопје, пријавила дека во близина на бензинска пумпа на бул.Трета Македонска Бригада била касната од куче скитник.
На 18.06.2020 околу 14,30 часот во СВР Скопје, И.Ј.(23) од Скопје пријавила дека пред аптека на ул. Хо Ши Мин била касната од куче скитник.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандрди до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против Г.С., поранешен полициски службеник од Полициска станица за Граничен премин Блаце, при РЦ за ГР Север, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело„злоупотреба на службена положба и овластување“ казниво по член 353 став 1 од Кривичниот законик на РСМ. На 02.08.2019 во 19.09 часот пријавениот додека бил на своето работно место, злоупотребувајќи ја службената положба и овластување и овозможил на Е.Б. од Р.Албанија влез во Р.С.Македонија иако лицето имало забрана за влез во државата и било внесено во „СТОП“ листата во Системот за контрола на патници и возила, при тоа во системот пријавениот внел забелешка со невистинита содржина.
На 18.06.2020 во 20.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.Скупи по претходно недоразбирање дошло до нарушување на јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Б.С.(51) од Скопје од едната страна и С.С.(74) и А.Г.(40) двајцата од Скопје од друга страна. Сочинети се записници за констатиран прекршок по чл. 11 и чл. 12 од ЗППЈРМ.
На 18.06.2020 во 17,00 часот во СВР Скопје, Л.Б.(49) од Скопје пријавил дека на 17.06.2020 околу 22,00 часот бил известен дека во Полициската станица Ѓорче Петров се наоѓал неговиот 13 годишен син кој што бил физички нападнат од Н.Г. и Н.Н. кои со возило во нивна сопственост го однеле во полициската станица поради сомнение дека малолетникот бил дел од група на малолетни лица кои на 17.06.2020 околу 21,00 часот фрлале со предмети кон куќата на Н.Г. и Н.Н. За настанот е запознат јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Единицата за насилен криминал–Одделението за крвни и сексуални деликти, при Секторот за внатрешни работи Скопје поднесе кривична пријава против К.Т.(24) од Скопје, поради постоење основи на сомнение дека сторил кривичното дело „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“ предвидено и казниво по член 396 од Кривичниот законик. Имено на 02.06.2020 околу 05,45 часот на ул.“Струмичка“ пред зграда додека пријавениот се движел со мотоцикл, а на себе имал и панцир, во еден момент бил пресретнат од непознато лице кое испукало повеќе проектили кон него по што и пријавениот со неговиот пиштол возвратил. К.Т. се здобил со повреди по што бил пренесен во Градската општа болница “Св. Наум Охридски“ за укажување на лекарска помош. При извршен увид од полициски службеници на ул.“Архиепископ Доситеј“ во вториот влез од зградата во сандаче на ЕВН бил пронајден пиштол марка Глок кој пријавениот претходно го сокрил и бил подигнат и даден за вештачење. Од извршените проверки утврдено било дека пронајдениот пиштол пријавениот го поседувал без дозвола и бил предмет на кривично дело тешка кражба извршена на 09.12.2017 во продавница за оружје, кој е употребен и пронајден кај пријавениот. ир/