Прилеп, 19 јуни 2020 (МИА) – Градската болница „Борка Талески“ во Прилеп доби нова апаратура, обновени и модернизирани се акушерскиот оддел, амбулантите, а по 15 години е отворен и Ургентниот центар за итните случаи и тријажа на пациентите, констатираа денеска премиерот Оливер Спасовски, министерот за здравство Венко Филипче, директорот на болницата Драган Богојески и прилепскиот градоначалник Илија Јованоски при разгледувањето на реновираните оддели, на новата апаратура во Болницата.
Според премиерот Спасовски, создадовме ресурси, сериозно надграден здравствен систем во однос на капацитети за сместување, медицинска опрема и знаењата на здравствените работници, за да се справиме и со актуелниот бран на коронавирусот.
-Во изминатите три години, како никогаш досега, се посветивме на унапредување на работата на локалната самоуправа, во инвестирање во проекти од инфраструктурата во општините низ целата држава. Резултатите ги гледаме денеска, и ги констатираме секој ден. Би сакал да ја искористам приликата да истакнам и да изразам благодарност, од свое лично име, од име на Владата и од граѓаните на оваа Општина за донацијата од 50.000 евра (во специјални болнички кревети и инвалидски помагала), која во мај во болницата пристигна од турската компанија „АЛИМ ОРМАН УРУНЛЕРИ“, со што се покажува дека солидарноста и општествената одговорност доаѓа посебно до израз во кризни ситуации ѝ е од исклучително значење за искреното пријателство меѓу граѓаните на сите држави, истакна Спасовски.
Министерот Филипче нагласи дека обновувањето и осовременувањето на здравствениот систем е повеќе од потребно.
-Со реновирањето на Гинеколошкото-акушерско одделение, родилките од целиот регион ќе имаат можност да бидат згрижени и сигурни во пријатен престој. Во ваква пандемија и светска криза, станува јасно колку е битно јавното здравство, рече Филипче.
Драган Богојески, директор на приелпската болница „Борка Талески“ смета дека болницата е речиси опремена, само недостасува магнетна резонанца за целосна здравствена заштита на околу 100 000 жители од регионот.
-Ова е убав повод: отворањето на Ургентното одделение, реновирањето на акушерскиот дел и на амбулантскиот дел во болницата, набавката на големо количество медицинска опрема, посебно набавката на нов дигитален рентгенски апарат како и донацијата од Република Турција од Алин-груп Фондацијата. Сето тоа е за подобрувањето на здравствените услуги. Идејата за Ургентниот центар е 15 години за сите итни случаи во општината каде ќе се врши нивната тријажа. Недостасува уште апарат за магнетна резонанца. Се надеваме догодина, да заврши кризава дека и тоа ќе го набавиме за да им обезбедиме целосна здравствена заштита на жителите од регионот, рече Богојески.
Прилепскиот градоначалник Јованоски ги потенцира напорите на здраствените институции во Прилеп во справувањето со пандемијата како и граѓаните кои се придржуваат на мерките.
– Тоа резултира од град кој беше во врвот според бројот на заболени, сега има само 16 активни случаи. Но упатувам порака и сериозно предупредување до кафулињата да нема собири на младите на забави со што може да се доведат во опасност сите, нагласи Јованоски. ем/вг/