Утрински Весник
Македонија

Дел од концесионерите почнаа сами да ја отстрануваат опремата од плажите на Охридското крајбрежје

Општинскиот државен инспекторат почна активности за отстранување на урбана опрема од плажите на Охридското Езеро

Охрид, 19 јуни 2020 (МИА) – Дел од закупците на плажи на Охридското крајбрежје почнаа и самоиницијативно да ја отстрануваат урбаната опрема од локациите што им беа дадени на користење преку концесии.

Љупчо Нечкоски, досегашен закупец на плажата „Акапулко“ лоцирана на потегот после хотелот „Метропол“ во изјавата за медиумите побара јасна дистинкција меѓу оние концесионери што ги злоупотребиле закупите и просторот што го добиле на стопанисување од останатите како него кои, како што рече, ги уредиле локациите и просторот според елаборат потпишан и одобрен од државните институции, како и со платени давачки.

Тој презентираше обемна документација со која располага од првиот ден кога го добил просторот на стопанисување. Притоа во лично име и со полна кривична и правна одговорност посочи дека се што било интервенирано во просторот е направено целосно е согласно одобреното од надлежните, со подмирени сите давачки кон државата.

– Оваа плажа е со два сервисни пункта, со две платформи одобрени од соодветните институции, со санитарни јазли, со игралиште за деца и друго, сето одобрено со соодветен проект. Што се однесува на второто, до ден денешен од 2007 година до денес „Акапулко“ до државата само на име концесија има уплатено повеќе од сто илјади евра, истакна тој.

Тој лично не гледа здрава логика во одлуката за уривање на опремата од плажата, доколку интенција на општината или државата е повторно со тој простор ќе се стопанисува на идентичен начин и со иста дејност.

– Доколку тука е предвиден друг објект, требаше да се каже што ќе се гради тука. Доколку повторно овде биде плажа, тоа значи дека едниот концесионер треба да се замени со друг. Друга разумна логика да се уриваат проекти со испочитувани одредби, материјално и финансиски, нема, рече Нечкоски, нагласувајќи дека веќе нема сила, енергија ниту трпение да се бори со државата.

Пред неколку дена Општинскиот градежен инспекторат почна акција за вражање на плажите во првобитна состојба, практично на состојбите пред 2007 година. Дел од концесионерите укажаа на селективност, други поднесоа и претставка пред Уставниот суд за оценување на уставноста на Уредбата на Владата за враќање на закупените плажи во првобитна состојба.

Останува прашањето како Уредбата ќе се спроведе во струшкиот дел од крајбрежјето на Охридското Езеро каде засега ништо не е преземено, ниту пак има најави за идентични акции на тамошните плажи издадени под концесија. Дури и градоначалникот на Струга најави дека ќе застане на страна на концесионерите, отворено спротивставувајќи се на какви било обиди за уривања објекти на крајбрежјето.

Граѓани на Струга укажуваат дека не само што Општината досега не покажала никаква заинтересираност да ја спроведе Уредбата, дури и напротив, продолжува да се градат објекти од цврста градба на само пет метри од брегот, конкретно на потегот меѓу градот и хотелот „Евротел“. аб/сп/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Давкова: НУБ „Св. Климент Охридски” е амбасадор на македонската културна историја и чувар на македонскиот идентитет

СЕОУГС Васил Антевски Дрен, Скопје – лауреат за Европската награда за иновативна настава (EITA) за 2024 година

НИ СЛЕДУВААТ УМЕРЕНИ ДО ЈАКИ МРАЗЕВИ: Температурите ќе се спуштат дури и под -10 степени!