Скопје, 19 јуни 2020 (МИА) – Јавна деба „Инспекторите под лупа на граѓаните. Како до транспарентни инспекции во животната средина?“ ќе биде одржана денеска во организација на Зелениот институт.
Дебатата е дел од проектот „Алатки за подобрен инспекциски надзор на локално ниво“, кој се спроведува во четири града Скопје, Битола, Куманово и Велес и е поддржан од Министерството за животна средина и просторно планирање. Целите на проектот се: повисока граѓанска свест за пријавување на загадувањето во локалните инспекторати, поголема отчетност на инспекторите во вршењето на инспекцискиот надзор, како и транспарентно следење на нивната работа од страна на граѓаните.
За проектот и за очекувањата од него ќе говорат Наташа Амдиу, претседателка на Зелениот институт и Ана Петровска, државна секретарка на Министерството за животна средина и просторно планирање.
Во рамките на проектот е направена анкета за информираноста на граѓаните за пријавување на загадување, за досегашното искуство со инспекторатите, како и за нивното видување како да дојдат до потранспарентен инспекциски надзор – од пријавување до санкционирање на прекршителите. Резултатите од анкетата ќе ги претстави Христина Оџаклиеска, планер со посебни овластувања во Агенцијата за просторно планирање.
На дебатата ќе биде претставена и новата е-Платформа на Градот Скопје за пријавување и следење на инспекциските надзори од страна на граѓаните, што може да послужи како модел и за другите градови. Преку неа граѓаните можат директно да влијаат за зголемување на транспарентноста на инспекторатите. Платформата ќе ја претстават Мирослав Богдановски, раководител на Градскиот инспекторат и претставник од СкопјеЛаб – Центар за иновации.
Модераторка на јавната дебата ќе биде Лилјана Поповска.са/