Утрински Весник
Македонија

По две години работа, на ДКСК ѝ недостасува софтвер, простории и човечки кадар за да се справи со корупцијата

ДКСК: Во криза се зголемува ризикот од корупција

И покрај вложените напори од страна на ДКСК, во 2019 година не беше обезбеден функционален простор за работа, а незначително беше зголемен бројот на вработените во Секретаријатот, се вели во годишниот извештај за сработеното на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК).

Оттаму посочуваат дека не е овозможено функционирање на софтверското решение за електронско поднесување на образецот „Изјава за имотна состојба и интереси“, ниту се остварило поврзување со базите на податоци со повеќе од институциите наведени во Законот за спречување на корупција и судирот на интереси.

Од предвидените 51 работни места во Комисијата, пополнети се само 24, што претставува 47 отсто пополнетост од кои 10 вработени директно се вклучени во анализата и работата по предметите.

„Расположливите човечки ресурси воопшто не можат да одговорат на потребите за ефикасно и ефективно остварување на надлежностите“, велат од ДКСК.

Во однос за сработеното, за период од девет месеци до ДКСК поднесени се 1.172 пријави од граѓани, здруженија, институции, со сомневања за постоење коруптивно однесување, злоупотреба на јавната функција, постоење на судир на интереси. Отворени се и 245 предмети по сопствена иницијатива.

„Бројот на примени пријави и отворени предмети во 2019 година е поголем од вкупниот број на пријави во ДКСК во последните пет години. Имајќи ја предвид содржината на доставените пријави, кои во голема мерка се однесуваат на остварување на индивидуални права на подносителите, може да се извлече заклучок дека тоа пред се се должи на изгубената доверба на граѓаните во институциите во системот“, стои во извештајот.

Од областа на корупција од 687 пријави и 23 предмети по сопствена иницијатива, Комисијата решила 100 предмети. Додека пак, од областа на судир на интереси од 364 пријави и 66 по сопствена иницијатива, решени се 143. За непочитување на забраните во текот на изборен процес од 54 пријави и три предмети по сопствена иницијатива, ДКСК одлучила по 38. За проверка на имотна состојба поднесени се 67 пријави и 153 предмети по сопствена иницијатива, одлучено е по 83 предмети.

Антикорупционерите минатата година поднеле шест иницијативи до Основното јавно обвинителство, од кои само една е прифатена, една е отфрлена, а четири се во тек.

Новиот состав на ДКСК беше избран од страна на Собранието на РСМ на 8 февруари 2019 година, по речиси цела 2018 година кога ДКСК беше нефункционална поради оставка на пет членови од тогашниот состав. Нивните оставки следеа по објавувањето на информацијата дека дел од членовите фалсификувале патни налози за да земат повисоки суми за патни трошоци, како и ненаменско трошење на буџетските средства.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Филипче: Започнуваме веднаш со работа, најавувам посета на сите општински организации 

СТУДЕН ЦИКЛОН НАД МАКЕДОНИЈА: Од овој петок, како и за време на викендот, многу дожд, снег и голема снежна покривка од над 50 сантиметри!

Македонска филхармонија го слави јубилејот со концертот „80 години – Љубов!“