Штип, 15 јуни 2020 (МИА) – Општина Штип го доби последниот документ за добивање на градежната дозвола за изградба на брана на река Отиња. Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски на денешната прес-конференција рече дека пред неколку дена пристигнало позитивното мислење од Институт за земјотресно инжинерство и инжинерска сеизмологија (ИЗИИС).
-Во моментот се чека и последниот чекор пред распишување на постапка за изградба на проектот – брана на река Отиња, а тоа е одобрение за градење од страна на Министерство за транспорт и врски од кадешто според законските рокови очекуваме во брз временски рок да добиеме одобрение за градење. Како градоначалник нема да дозволам макотрпната работа во изминатите две и пол години од страна на Општината, Владата, неколку ресорни министерства, проектантите, инженерите, професорите да биде омаловажуван. Јас на овој проект приоѓам со многу ентузијазам и желба заради тоа што за овој проект вреди да се даде се од себе, да се потроши многу енергија и време, изјави Бочварски.
Забележа дека ако во изминатите 40 години имало само некаква идеја, желба и започнат, а недовршен проект, денеска за само две и пол години Штип има завршен основен проект со изработена ревизија, изработена студија за оцена на влијанието врз животната средина, изработен и усвоен детален урбанистички план за брана Отиња.
По добивањето на дозволата веднаш ќе се почне и тендерската постапка од страна на Министерството за транспорт и врски. Според експертите, оваа брана ќе се гради од две до две и пол години, а се зависи од изведувачот и временските услови. Експропријацијата на земјиштето е извршена на круната на браната, а на земјиштето во самата брана ќе биде завршена во текот на наредниот период. Браната ќе чини 7,5 милиони евра. вдј/вј