Штип, 13 јуни 2020 (МИА) – Епидемиолозите од штипскиот Центар за јавно здравје денеска и утре интезивно ќе ги земаат првите контролни брисеви на 53 текстилни работници од првата текстилна компанија, која беше затворена по појавата на коронавирусот. Директорката на Центарот за јавно здарвје-Марија Димитрова вели дека секојдневно пристигнуваат и резултатите од масовниот скрининг на текстилните работници. На повеќе од нив, кои беа тестирани им се пристигнати, на мал дел се повторени.
Во текот на наредната недела ги очекуваат и резултатите од тестирањето на вработените во штипските детски градинки, кое заврши вчера, а беа тестирани над 230 вработени во градинките.
Инаку во Штип се појави и шести кластер, откако скопјанец не знаејќи дека е позитивен на коронавирус дошол на гости во Штип, по што тројца се заразени, а десетина штипјани од овој кластер се во самоизолација. Најброен и понатаму останува текстилниот кластер, кој брои над 130 позитивни случаи.
Директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев за МИА вели дека денеска имаат 21 пациент на болничко лекување, кои не се само од Штип, туку има и од остантите општини од источниот регион. Едно лице е суспектно и за него се чекаат резултатите од земениот брис. Пациентите се со стабилна здравтсвена состојба, а тројца од нив се со повремена кислородна поддршка.вдј/са/