Атина, 12 јуни 2020 (МИА) – Копнените граници со Северна Македонија и Албанија, Грција ќе ги отвори на 1 јули, а не на 15 јуни како што првично беше најавено, а ќе функционираат само неколку гранични премини, од кои само Евзони (Богородица), кон нашата земја, јави дописничката на МИА од Атина.
-Во однос на копнените пристигнувања, од 1 јули имаме укинување на рестрикциите за Албанија и Северна Македонија, доколку сè оди добро, рече министерот за туризам на Грција Харис Теохарис на денешната прес-конференција во пресрет на туристичката сезона.
Иако во Грција од понеделник официјално започнува туристичката сезона, копнените граници со Северна Македонија, Албанија и Турција ќе останат затворени од 15 до 30 јуни 2020 година, со исклучок на апсолутно неопходните службени патувања, додека пак границата со Бугарија ќе биде отворена.
Во однос на авионското поврзување, за периодот од 15 до 30 јуни, ќе бидат дозволени летови и од Северна Македонија и Албанија, но само за основни и конкретни цели, а не и за туристи и само кон атинскиот аеродром. На аеродромот во Солун не се дозволени летови од нашата земја, како и од Албанија.
Сите туристи кои по 1 јули ќе пристигнат во Грција, ќе треба да имаат пополнет формулар (Passenger Load factor) со податоци за нивните контакти во Грција, ќе се спроведуваат тестови по случаен избор, а евентуалните позитивни случаи ќе бидат 14 дена карантин во хотел-карантин.
Во понеделник започнува првата фаза од отворањето на грчкиот туризам, но само за посетители од одредени земји и само кон атинскиот и солунскиот аеродром, додека па во втората фаза, на 1 јули ќе бидат укинати сите забрани и рестрикции и ќе бидат отворени сите аеродроми во Грција.
Од 15 јули ќе бидат дозволени и летови од и кон Италија, Шпанија и Холандија, а забраната освен за Северна Македонија и Албанија, продолжува да важи и за Турција и Велика Британија.
За периодот меѓу двете фази, за туристите кои ќе пристигнат во Грција од аеродромите што не се на листата на Европската организација за безбедно воздухопловство, предвидени се тестирања по случаен избор, додека пак за патници од Италија, Холандија и Шпанија, тестот е задолжителен.
Министерот за туризам на Грција, објасни дека од 1 јули, освен аеродромите во целата земја, ќе бидат отворени и седум гранични премини, а од бродовите што доаѓаат на крстарење, дозволен ќе биде влез на туристи од шест пристаништа.
На денешната прес-конференција, министерот за здравство на Грција Василис Кикиљас го презентираше владиниот план за здравствените структури на грчките острови и туристичките дестинации.
Како во однос на спроведувањето на тестовите по случаен избор, така и во однос на евентуалната потреба од хоспитализирање на лице позитивно на Ковид-19, здравствените центри на островите и туристичките дестинации, се поврзани со болниците во големите грчки градови.
Кикиљас рече дека се обезбедени 18 кревети за интензивна нега за Ковид-19, а постојат и 79 доколку биде потребно.
Паралелно, Грција има на располагање 11 специјални капсули за пренесување со авион, хеликоптер или брод на заразени лица од островите во болниците што се одредени, доколку има потреба.
За туристичката сезона грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, утре, на островот Санторини ќе одржи прес- конференција.ср/лв/