Велес 11 јуни 2020 (МИА) – Општинскиот штаб за заштита и спасување (ОШЗС) на денешната седница донел одлука Малото пазарче во Новата населба во Велес да остане затворено зашто е во затворен простор. Граѓаните како и досега ќе можат да го користат Големиот градски пазар каде е дозволена продажба на прехранбени, земјоделски и други производи.
Како што информира на денешната прес-конференција градоначалникот Коцевски, ОШЗС решил да ги олабави мерките за продажба на непрехранбени артикли со тоа што наместо како досега, наиземенично – едни па други, отсега на пазарот да продаваат сите сопственици на тезги.
Според Коцевски, со ваквата одлука купувачите ќе имаат поголема понуда на тезги и ќе се намалат гужвите.
-За да се применат сите можни превентивни мерки за заштита на граѓаните, Општинскиот штаб одлучи редовна контрола на пазарот да вршат редарите и да се ограничи бројот на посетители на двата влеза од пазарот, истакна градоначалникот.
Тој информира дека ЈКП „Дервен“ кое стопанисува со Градскиот пазар ќе врши поголема контрола, колку купувачи ќе излезат, толку да влезат. ад/мч/