Утрински Весник
Македонија

Филиповска-Грашкоска: Ќе се постапува драстично при прекршување на протоколите

Затворени уште 4 кафеани и 40 кафемати, 1.346 инспекции од 6 до 8 април

Скопје, 11 јуни 2020 (МИА) – Засилени контроли и строго постапување на инспекторите кон оние што не ги почитуваат препораките за спречување на коронавирусот најави денеска претседателката на Инспекцискиот совет Магдалена Филиповска-Грашкоска.

На прес-конференцијата во Владата, таа рече дека протоколите не се комплицирани за имплементација и порача дека секое непочитување ќе биде санкционирано.

– Се работи за сите нас. Колку повеќе ги почитуваме протоколите, колку повеќе стопанствениците правилно ги применуваат протоколите и ги заштитуваат своите вработени, односно колку повеќе се самозаштитуваме, толку повеќе влијаеме на јавното здравје и придонесуваме побрзо и поефикасно да ја надминеме состојбата во која се наоѓаме, истакна Филиповска-Грашковска.

Во периодот од 4 до 9 јуни од страна на шестте инспекциски служби направени се вкупно 4.194 вонредни инспекциски надзори.

Пазарниот инспекторат констатирал 15 прекршувања на протоколите за отворање на кафеаните и угостителските објекти и предложени се кривични санкции за четири објекти во Струмица и Дојран, четири објекти во Охрид, два објекта во Гостивар и по еден објект  во Битола, Струга, Прилеп, Маврово и Пониква. Утврдени се и 20 прекршувања за непочитување лична заштита, одржување ред пред влезот и внатре во продавниците и непочитување на уредбата за замрзнување одредени прехранбени производи.

– Со оглед на фреквенцијата на луѓе во трговските објекти, особено во оние на мало, и во угостителските објекти, особено е важно да се почитуваат протоколите. Инспекторите нема да имаат разбирање во однос на прекршувањето на протоколите и ќе се постапува драстично при констатирано прекршување. Затоа апелирам уште еднаш да се почитуваат протоколите доследно и на тој начин да се заштитат и вработените и клиентите, порача Филиповска-Грашковска.

Трудовите инспектори во овој период направиле 586 контроли кај работодавачи во кои се вработени околу 8.300 лица. Донесени се 11 решенија и 35 укажувања од кои најголем дел се за неносење заштитна опрема и ослободување на вработените од ризичните групи. Од направените контроли кај овие работодавачи констатирано е дека повеќе од 120 лица се ослободени по основ на грижа на деца под 10 години, околу 40 лица по основ на хронична болест и 35 бремени жени.

Од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат спроведени се 110 надзори. Издадени се 560 решенија за лица кои го напуштиле државниот карантин по добиен негативен тест и испратени се во домашна изолација. Агенцијата за лекови изврши 26 контроли и не се коснтатирани специфични остапувања.

Агенцијата за храна и ветеринарство направила 167 надзори во повеќе објекти низ градови во државата. Притоа, издаден е еден прекршочен платен налог за пуштање во промет брашно без извршена анализа, а донесени се и 10 решенија за подобрување на хигиената во објектите и изречени  се 14 мерки едукација.

При направените инспекции од областа на транспортот забележани се 17 прекршувања и тоа 12 прекршувања кај посебен превоз за вработени во Штип, четири прекршувања кај превоз за вработени во Миладиновци и еден прекршок за превоз на вработени во Велес.

Пред два дена, Владата на 63-та седница донесе одлука да се воведат засилени инспекциски контроли во оние места каде е регистриран зголемен број заболени. Дел од тие градови се Скопје и неколку скопски општини, Куманово, Тетово…. бак/скс/

 

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Полицаец побарал и примил поткуп за да не собере возило со „Пајак“

Нова опрема на ФЕИТ за унапредување на заштитата на медицинските лица од јонизирачко зрачење

Притвор за маж од Естонија осомничен за силување на 14-годишно дете