Штип, 11 јуни 2020 (МИА) – Епидемиолозите од Центарот за јавно здравје-Штип од утринава земаат брисеви на 91 вработен во клоновите на градинката „Вера Циривири-Трена“.
Директорката на градинката „Вера Циривири-Трена“, Софка Атанасова очекува во наредните два до три дена да добијат, како што вели, негативни резултати од тестирањето.
– Првичните анкети покажаа дека околу 3.200 деца ќе се вратат во градинка. Оваа анкета беше направена во мај, а сега по настанатата ситуација не знам дали овој број ќе остане, вели Атанасова.
Таа истакна дека имаат најава оти по завршување на скринингот во сите градинки во земјава очекуваат и насоки како ќе се работи во нив. Родителите за март треба да платат 745 денари, додека за април и мај треба да одлучи Советот на Општина Штип.
-Управниот одбор при градинката „Вера Циривири-Трена“ поднесе барање, тие да одлучат како ќе се одвива партиципацијата. Значи ќе ги чекаме резулатите од Советот на Општина Штип и која одлука да ја донесат, ние ќе ја почитуваме, вели Атанасова.
Според неа, препораките за работа со децата не се толку поразлични од она што претходно и го работеле.
-Сегашните препораки се да не се користи трепезаријата, како заеднички простор за хранење, туку секоја група во своите занимални. Вработените задолжително мора да носат маски и сите останати препораки, кои ние треба да ги почитуваме, како граѓани. Значи мора да се носат маски, да се одржува хигиена, да се мијат раце, како на себе, така и на децата и целата дистанца да биде запазена, вели Атанасова.
Појасни дека ќе нема мешање на групите, а ќе се настојува да бидат и во помали групи. Занималните се големи простории, кои дозволуваат да се реализираат активностите. Тестирањето на вработените во градинките во Штип продолжува и утре, кога ќе се тестираат над 130 вработени во клоновите на градинката „Астибо“-Штип. вдј/лв/