Тел Авив, 10 јуни 2020 (/) – Израелската манекенка Бар Рефаели и нејзината мајка потпишаа спогодба со Обвинителството во својата земја, со што прифатија вина за затајување данок. Сепак, супермоделот избегна затвор, па е осудена на девет месеци општокорисна работа.
Heјзината мајка Ципи Рафаели е осудена на 16 месеци затвор. Таа како агентка на ќерка сѝ, одделно затаила милион долари данок.
Освен тоа, како што соопштија израелските власти, тие двете ќе добијат и условни казни, парични глоби од по 634.000 евра, како и обврска за плаќање на данокот од над два милиона евра.
Рефаели го прикрила данокот на заработка во периодот од 2009 до 2012 година, кога живеела делумно во Израел, делумно во странство. Манекенката тврдеше дека тогаш живеела главно во странство, а тужителите велат дека тоа не е точно, и оти таа не го пријавила приходот, подароците и попустите коишто ги добила додека имала живеалиште во Израел.
Во процесот, барајќи олеснителна околност според тамошните закони, девојката тврдеше дека е во блиски, „речиси семејни односи“ со својот американски пријател, глумецот Леонардо ди Каприо, во чијшто дом таа често престојувала и „живеела“ во спорниот период.
Ди Каприо не сведочеше во нејзина корист.
Случајот почна во декември 2015 година. си/ми/