Скопје, 9 јуни 2020 (МИА) – Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС) смета дека состојбата во стопанството е алармантна и дека актуелните економски мерки не се доволни и не се применуваат. Од Владата очекува стратегија за да нема губење работни места, ниту намалување на платите. Воедно бара конкретни чекори како работниците да се пријават и да ги исползуваат бенефитите од компензацискиот фонд – мерка која би им помогнала без исклучок.
Според КСС, здравствената и економска криза многу брзо ќе се претвори во социјална. Секојдневно се зголемува бројот на невработени во реалниот сектор. Поради тоа, импровизации не смее да има, мора да се слушне гласот на експертската јавност.
-Бараме, врз основа на јавно дадените изјави од страна на премиерот, Оливер Спасовски за почнување со работа на солидарниот фонд за компензација на национално ниво за работниците кои го изгубија или ќе го изгубат работното место, да излезе со конкретни чекори како можат работниците да се пријават и да ги исползуваат бенефитите од компензациониот фонд. Со оваа мерка би им се помогнало без исклучок, во преживување на оваа тешка година за сите нас. Ги охрабруваме работодавачите во искрени разговори со работниците, доколку се во тешка состојба да изнајдат заеднички решенија со што би си помогнале заедно да искористат дел од мерките достапни од страна на државата и го преживеат овој период, наведува КСС.
Микро фирмите очајно бараат помош, додава Конфедерацијата. Помош бараат и занаетчии, таксисти, угостители, хотелиери, сметководители.
-Тоа само по себе кажува дека економските мерки се недоволни. Индексите за мерење на економската помош со која земјите се справиле со корона кризата кажуваат дека сме на последно место во регионот и во Европа. Мерките за заштита на работните места се недоволни и не се применуваат, па доаѓаме до состојба на се повеќе заболени работници, бизнисите затвораат, сите трпат загуби, а надлежните институции беспомошно и немо гледаат како да се немоќни да преземат каква било акција. Одговорност мора да постои и тоа уште денес, зашто оваа здравствена и економска криза многу брзо ќе се претвори во социјална криза. Сите земји во регионот и оние кои беа страшно погодени во Европа полека и сигурно се справија со заразата, напоменува КСС.
Воедно укажува дека во последните два месеца работното место го изгубија преку 15.000 работници.
-Од друга страна слушаме за се повеќе вработувања во јавниот сектор. Во последните два месеца работното место го изгубија преку 15.000 работници, на преку 50.000 секојдневно им се заканува отказ од причина што не земале плата веќе два месеца и ако тука се додадат и работниците во сивата економија кои се непријавени, чија бројка изнесува преку 100.000 и се најлесен таргет за губење работа и на крај сите оние кои се на принуден одмор, некои со 70 отсто, некои со 50 проценти, а некои со никакви примања, доаѓаме до една застрашувачка бројка. Мерки се потребни сега и веднаш, одговорност сега и веднаш, вклучување на експертската јавност уште денес, затоа што импровизации, исполнување желби и непрофесионално правење уредби, а потоа по неколку пати преправање, носи целосна конфузија, само одиме надолу, истакнува КСС.
Конфедерацијата потсетува дека неколку пати испратила предлог мерки, иницијативи изработени од стручни лица, инженери и доктори за заштита при работа.
– Очигледно Вие без да ги погледнете ги ставивте ад акта. Ако се спроведеа тие мерки точно и прецизно опишани, со целосна анализа на последиците кои треба да се спречат, кои патем еве не газат, ние во овој момент немаше да имаме ни 10 отсто од овие проблеми кои како облаци лебдат над нас и прашање е само кога ќе направат таква олуја што ќе треба многу време за да се санира. По сите наши анализи добиени од информации на терен кои се загрижувачки, со стравување и загриженост Ве прашуваме, дали ќе можете до крајот на годината да финансирате одредени работни места, иако тие финансии и така не се доволни, дали ќе можете да се справите со енормно голема невработеност која доколку не се преземе нешто денес за неколку месеци ќе порасне вртоглаво, дали ќе можете да се справите со социјалната криза која не демне и само што не дошла на гости во нашата земја, затоа што на подолг временски период не се издржува со 6.000 денари или 9.000 или пак кај некој и без никаква егзистенција, нагласува КСС.
Конфедерацијата информира дека заедно со Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР) иницира креирање зедничка платформа во која би се приклучиле сите легитимни и релевантни организации кои во рамки на своето делување имаат одговорност кон сите граѓани да придонесат за зедничко справување со корона епидемијата и побрзо заздравување од економската криза. КСС и МЗЗПР предлгаат конкретни мерки и план за спас на стопанството и работните места. Aпелираат да се искористат лицата за безбедност и здравје при работа кои би се организирале во комитет кој, пак, би комуницрал директно со работниците и би ги пренесувал насоките на Управата.
На дневна основа, според КСС, работодавачите мора да ги запознаваат вработените со превентивните мерки на Министерството за здравство и Светската здравствена организација. Создавањето превентивната култура е основа за секоја заштита на работа, вклучувајќи ја и оваа.
– Секоја состојба на ризик со која се соочуваат вработените да се бележи и веднаш да се комуницира со стручното лице за безбедност при работа. Навремената комуникација на ризиците ја намалува веројатноста од настанување на несреќа на работното место. На сите локации каде што е можно да се создаваат гужви, да се одреди лице задолжено за ред и дисциплина кое ќе осигура дека се почитуваат мерките на Министерството за здравство (растојание, хигиенски, редарски). Насоката на движење во компаниите или услужните места секогаш да е во една насока. Ова е многу тешко кај веќе постојни постројки, но тежнејте да немате процеси кои наместо насочено имаат тендеција да се циркуларни (еден влез и излез). На овој начин дури и сегментното одвојување на процесите ќе доведе до минимизирање на непотребните контакти помеѓу извршителите и зонско/модуларно решавање на производствениот процес, наведува КСС според која Владата мора да излезе со конкретен сет персонифицирани мерки за вработените во одредени индустрии, базирани врз проценките на ризици на работните места, надоградени со конкретни препораки како рефлексија на запирање на ширењето на корона вирусот.
Покрај организациски, КСС и МЗЗПР предлагаат и технички/инженерски мерки (за дезинфекција), хигиенски мерки, како и мерки во делот на транспротот, маркетите и услугите. мч/сп/