Утрински Весник
Македонија

Општинскиот кризен штаб на Кочани бара поголема дисциплина од граѓаните и санкции за неодговорните

Општинскиот кризен штаб на Кочани бара поголема дисциплина од граѓаните и санкции за неодговорните

Кочани, 9 јуни 2020 (МИА) – По утврдувањето на деветте нови случаи позитивни на коронавирусот, Општинскиот кризен штаб на Кочани денеска одржа седница на која се разгледуваше влошениот здравствениот биланс и се предлагаа нови мерки за спречување на Ковид-19.

Со скринингот во изминатите денови биле опфатени 329 вработени во градинките во Кочани, Чешиново-Облешево, Зрновци, Виница, Берово, Делчево, Пехчево и Македонска Каменица.

– Со ова тестирање се потврди присуството на вирусот, а растот на бројот на заразени е резултат на непридржување кон мерките за заштита. Простор за паника нема, бидејќи случаите се познати и се под контрола, но примената на заштитните мерки е повеќе од потребна. Деветте позитивни лица од Кочани се од различни објекти на кочанската градинка, а досега направивме анализи на вкупно 753 брисови, истакна Гоце Серафимов, директорот на Центарот за јавно здравје – Кочани.

Градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев побара поголема одговорност и ажурност на инспекциските и другите надлежни служби. Од Одделението за внатрешни работи најавија дека полицијата во наредниот период почесто ќе биде на терен и ќе го контролира и санкционира неносењето заштитни маски, не држењето дистанца и групирањето, како и почитувањето на протоколот за отворање и работа на угостителските објекти.

Комуналното претпријатие „Водовод“ и Територијалната противпожарна единица од Кочани почнаа со дополнителна дезинфекција на градинките, училиштата и другите јавни објекти, како и на улиците и местата за одлагање отпад.

Кризниот штаб донесе заклучок директорите на училиштата ригорозно да ги спроведуваат мерките за заштитата, а состаноците да се држат на отворено. Детските и повеќенаменските игралишта не се пуштени во употреба и потребно е да се почитува таа забрана. Од сите јавни превозници, таксистите и патниците се бара најодговорно да ги применуваат мерките за заштита од заразниот вирус. та/ир

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Камион пропадна на улицата „Аџи Мустафа“ во Охрид

Автомобил се преврте на автопатот Скопје–Велес, повредени три девојки

Имплементација на пресудите на Европскиот суд за човекови права во фокусот на дебатата во Талин