Прилеп, 7 јуни 2020 (МИА) – Интернетот стана „домашно милениче“. Се негува, се употребува и „се присвојуваат“ интернет-изразите, главно од англиското јазично подрачје, па се употребуват преку социјалните мрежи, дома и на крај во секојдневието.
Оваа ситуација е присутна со години, но најинтензивна последниве два и пол месеци, откако е пандемијата на коронавирусот, кога бевме препуштени на интернет-комуникацијата, интернет-јазикот, најмногу онлајн или, како што сакаат да кажат јазичарите, наставата во живо.
Дали Македонија е подготвена да најде соодветни изрази за дигиталната и интернетска (компјутерска) терминологија или остава на времето да го стори своето. Стручњаците признаваат дека некои земји, како Хрватска, Чешка, Словенија, најдоа соодветни изрази во сопствениот јазик.
Како е кај нас? Потребен ли е сеопфатен, обемен речник на компјутерски термини со соодветни во македонскиот јазик?
Диме Настески е професор по македонски јазик во прилепската гимназија „Мирче Ацев“, воедно и директор на гимназијата во моментов. Цело време го следи наставниот процес преку, како што милува да каже, наставата во живо. Вели, што му недостасува на изразот „настава во живо“.
– Ја поминавме оваа онлајн настава каде што до израз дојде употребата на тие технички изрази од англискиот јазик, а повозрасните наидоа на препрека. Што поскоро, побрзо ќе се заштити македонскиот јазик. Но, впрочем што му недостига на изразот „настава во живо“, вели Настески.
Според Настески, постојат интернационализмите во целата јазична историја, кои даваат определени, универзални значења на зборот, но невиден преседан е ова што се случува со „дигиталната лексикологија“.
– Преседан е зашто и таму каде што имаме наши зборови, употребуваме туѓи, за да бидеме, како што се мисли, сфатени. Но, сепак, мора да направиме чекори за да си го заштитиме нашиот јазик, вели Настески.
Што поскоро, во Македонија мора да се направи еден македонски речник за дигиталната терминологија. За да создадеме еден, свој, технички јазик што ќе биде разбирлив за сите. Освен тоа, неопходно е додавање во учебниците поглавје за оваа дигитална терминологија.
– Ако се оди со посебно поглавје, бидејќи интернет-технологијата е сегашност и иднина, мора да создадеме сопствен, технички јазик, разбирлив и за млади и за возрасни. Не е доцна за ништо и што поскоро треба тоа да се направи. Ја поминавме оваа онлајн настава, каде што до израз дојде употребата на тие технички изрази од англискиот јазик, а повозрасните наидоа на препрека. Што поскоро, побрзо ќе се заштити македонскиот јазик, смета професорот по македонски јазик Диме Настески.
Професорот Људмил Спасов од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ нагласува дека веќе имаме издадено неколку речници за дигитална и интернетска (компјутерска) терминологија. Но тоа е малку, ни треба обемна работа.
Неопходен ни е обемен речник на тие дигитални термини и изрази.
– Може да кажам дека оние најчести термини треба и се заменуваат со „домашни“ термини. Веќе имаме издадено неколку речници за дигитална и интернетска (компјутерска) терминологија. Најчестите термини, како глувче, треба да се заменат. Многу често се употребуваат и ако не ги замениме, како туѓи, ќе влезат во јазикот. И тоа се прави, на некој начин, но од друга страна, не може сѐ да се замени. На повеќе места, на пример на ФИНКИ, и кај нас, во Институтот за македонски јазик се има работено на оваа проблематика и се издадени неколку мали прирачници, но мислам дека е дојдено времето да се направи еден поголем речник, кој ќе добие широка распространетост, да биде достапен преку интернет или, ако сакате, на македонски кажано – преку мрежата, вели тој
Додава дека ако се здружат силите, а тоа веќе се работи од ФИНКИ, од универзитетот или факултетот кој се занимава со оваа проблематика, па и Институтот за македонски јазик, тоа може да се направи многу брзо, бидејќи многу материјал е подготвен.
-Сакам да направам една споредба, на пример, во Хрватска, фактички сите најзначајни информатички термини се заменети со домашни и, што е многу интересно, се навлезени во јазикот. Истиот случај е во Чешка, во Словенија. Ние малку заостануваме, како, впрочем, во многу работи. Мислам дека треба да се преземе таа акција, да се организира изработка на еден поголем речник, кој ќе биде достапен и преку мрежата, објаснува Спасов.
Потребно е да се даде еден заеднички предлог од Институтот за македонски јазик и од ФИНКИ. Тој предлог да помине преку Советот за македонски јазик, кој ќе го даде во Министерството за култура со надеж да се стави во годишната програма и да се изнајдат средства за ова. По сугестија на новинарот, професор д-р Спасов се согласува дека е неопходно и посебно поглавје во учебниците за македонски јазик да има за компјутерската терминологија.
– Така е, во обновените учебници што излегуваат по македонски јазик да се додаде поглавје за интернет и компјутерската терминологија, збогатено со македонски заемки. Треба да се додаде такво поглавје за да им влезе во свеста на младите, бидејќи еден збор кога ќе почне да се употребува, станува вообичаен. На пример, малкумина се сеќаваат дека зборот „домување“ беше релативно нов збор. Претходно користевме „становање“ или „станување“. Но кога се афирмираше „домување“ никој, практично, не ги употребува претходните зборови. Така е и со оваа терминологија. Треба да им се внесе во свеста на младите луѓе, како на пример, глувче или маус. Треба од најмали нозе да се почне со терминологијата на соодветни зборови во македонскиот јазик, објаснува Спасов.
Работите се поместуваат во позитивна насока. Има неколку форуми на кои не се дозволува, на пример, конверзација на латиница, туку на кирилица. Има напредок, што радува, и тоа помеѓу младите.
Но во овие времиња, кога и изразот „фејк њуз“ е многу актуелен, треба да се внимава. А тоа станува обврска на новинарите.
– Изразот „фејк њуз“, односно лажни вести, ќе биде актуелен и во догледно време. Новинарите имаат улога. Тие треба да ги избегнуваат овие изрази. Е, сега, „фејк њуз“ можеби звучи попрестижно отколку лажни вести што се врзува и за одреден тип лажни вести. Сѐ се сведува на совеста и достоинството на новинарите колку ќе ги афирмираат домашните термини. А тоа треба да го прават, нагласува Спасов.
Во секој случај, ставот е дека час поскоро ни е неопходен обемен речник на интернет и дигиталната терминологија, за странските да не се одомаќинат и да не биде предоцна.
Елизабета Митреска